Линкови за пристапност

Најнови вести 24-ти Април - 2003-04-24


Буш-Внатрешна политика

Претседателот Буш денеска е во посета на федераланта држава Охајо заради истакнување на националната безбедност и обезбедување поддршка за намалување на даноците што е суштината на неговиот план за економско стимулирање.

Во говорот во Кантон, претседателот го повика Конгресот да одобри намалување на даноците во висина од 550 милијарди долари. Тој рече дека ваквото даночно скратување е потребно за отворање на еден милион нови работни места до крајот на 2004-та, годината кога тој ќе се кандидира за втор претседателски мандат. Господинот Буш првично бараше даночно скратување од 726 милијарди долари во следната деценија, но Сенатот ја преполови оваа сума.

ОПЕК-Состанок

Организацијата на земјите извознички на нафта-ОПЕК одлучи новата нафтена производствена квота да изнесува 25,4 милиони барели дневно.

Оваа одлука е донесена на денешниот итен состанок на претставниците на ОПЕК во Виена, на коj стана збор за цените на нафтата и за нивото на производство. Цените на нафтата, кои по започнувањето на војната се зголемија на 40 долари за барел, а сега се движат нешто над 20 долари. Аналитичарите велат дека ОПЕК сака цената на нафтата за барел да се стабилизира на 25 долари. Земјите на ОПЕК произведуваа два милиони барели дневно повеќе од договорените квоти во обид за стабилизирање на цените поради загриженоста од ситуацијата во Ирак.

Ирак-Иран

Иранскиот министер за надворешни работи, Камал Карази ги отфрли американските сугестии дека Техеран се меша во ирачката транзиција кон нова власт.

Министерот Карази вели дека Иран не игра никаква улога во ирачката политика и оти не бара поголема улога за Шиитите муслимани, кои се мнозинство во обете земји. Вчера, портпаролот на Белата куќа рече дека САД му упатиле јасна порака на Иран оти не треба да се меша во транзицијата на Ирак кон демократија. Белата куќа реагираше на написот во Њујорк Тајмс дека ирански агенти влегле во јужен Ирак за подобрување на врските со шиитското муслиманско свештенство.

Ирак

Џеј Гарнер, американски генерал во пензија кој ја надгледува реконструкцијата на Ирак изрази надеж дека некои ирачки владини министерства повторно ќе почнат со работа кон крајот на следната недела.

Според него министерствата ќе бидат организирани по ирачки терк, додавајќи дека цивилите што ќе се вратат на работа ќе бидат подложени на детална истрага и ќе бидат дисквалификувани сите што имале блиски односи со Садам Хусеин. Претходно, генералот Гарнер се сретна со околу 60 избрани Ирачани во Багдад на разговори за начините за изградба на новата цивилна администрација во земјата. Во меѓувреме, Програмата за животна средина на ОН бара итна акција за отстранување на ѓубриштето и за поправка на водоводните системи. Претставник на ОН рече дека без расчистување и поправка, Ирачаните се изложени на ризик од ширење на болести.

Србија-Обвинение

Српската полиција поднесе кривична пријава против поранешниот југословенски претседател Слободан Милошевиќ во врска со убиството на поранешниот претседател на републиката Иван Стамболиќ, пред околу три години.

Властите денеска до Обвинителството поднесоа кривична пријава, и тоа ќе спроведе истрага, по што ќе одлучи дали ќе биде покренато обвинение. Кривичната пријава уследи неколку недели по откривањето на телото на господинот Стамболиќ во северна Србија. Тој исчезна во август, 2000-та година во Белград. Српски владини претставници соопштија дека припадници на специјалната паравоена единица формирана од страна на господинот Милошевиќ го убила господинот Стамболиќ за да спречи негово учество на претседателските избори во октоври 2000-та година, како противник на поранешниот југословенски лидер.

Анан-Ирак

Генералниот секретар на ОН, Кофи Анан пред Комисијата за човекови права на Светската организацијата, кажа дека се надева оти САД, цитираме, како окупаторска сила, ќе го почитуваат меѓународното право во Ирак.

Зборувајќи денеска во Женева, господинот Анан кажа дека трупите под американско раководство имаат одредени обвски во Ирак. Тој истакна дека одговорностите спрема цивилите и одржувањето на јавниот ред, се јасно видливи во женевските и хашките конвенции. САД остро реагираа на коменатрите на господинот Анан. Американскиот претставник во ОН во Женева, Кевин Моли рече дека од американските акции јасно се гледа оти Вашингтон ги разбора своите обврски спрема ирачкиот народ.

XS
SM
MD
LG