Линкови за пристапност

„На Македонија и престои тежок период на транзиција, но тоа ќе биде од корист за идната стабилност и безбедност на земјата“, Ен Робертсон од Националниот совет за евро-азиско и источно-европско истражување - 2003-04-24


Госпоѓата Робертсон од правилата како најглавни ги издвои воспоставувањето на меѓународни контакти по секоја цена, институционализирање на раководството и обезбедување на контролата на границите. „При формирање на држава“, вели таа, „едно од клучните прашања е дали отцепувањето овозможува предности во остарување на замислените цели“?

„Косово и Чеченија“, вели госпоѓа Робертсон, „јасно потсетуваат оти граѓанската војна може да биде поттикната од неискуството на младите држави. Овие конфликти не беа продукт на старата омраза, туку попрво, директен резултат на вакумот на политичката моќ, што произлегува од тоа неискуство“, вели таа.

За Македонија, госпоѓата Робертсон кажа дека веќе повеќе години подобро функционира во споредба со Босна или Хрватска на пример, но е заглавена околу техникалии во врска со името. „Вашата земја на крај пронајде начини да го надмине тоа. Се покажа дека освен примедбите на Грција, Македонија ги исполнуваше сите барања и треба да биде добредојдена во меѓународната заедница“, подвлече госпоѓа Робертсон. Што се однесува до етничкиот конфликт во Македонија, таа истакна дека треба да се гледа на прашањето дали ќе постои етничка дефиниција на државата која е дом на македонскиот народ или ќе има граѓанска дефиниција дека Македонија е дом на сите кои живеат во неа.

„Со уставните промени и Охридскиот договор во 2001-та, во процедура е пошироко дефинирање на државата, со цел инкорпорирање на Албанците. Тоа ќе биде тежок период на транзиција, но мислам дека ќе биде од корист за идната стабилност и безбедност на земјата. Македонија е одличен пример за тоа како институционализацијата на раководството продолжи да функционира, по обидот за атентат врз поранешниот претседател Глигоров. По овој настан немаше поголеми проблеми. Ова е навистина ретка ситуација во многу нови држави и секако, реткост и во многу делови од Балканот. Мислам дека, што се однесува до оваа компонента, направивте одлична работа“, рече госпоѓа Робертсон.

„Иднината на Косово, Црна Гора и Македонија“, кажа госпоѓата Робертсон, „во голем дел ќе зависи од меѓународната заедница“.

Првата опција е да се однесувате како држава, што значи, контрола на сопствената територија, отстранување на опасноста од граѓански војни, способност да ги задоволите потребите на своите граѓани, а втората е дека сте држава, бидеќи така вели меѓународната заедница, кажа госпоѓа Робертсон.

„Погледнете ги случаите со поранешните југословенски републики. Од една страна е присутна меѓународна определба да се одржат границите на овие републики, а од друга, имате ситуација кога години наназад, Босна е поквалификувана да биде квази-држава. Единствената работа што таа навистина може да ја прави е да има место во ОН и да формира свој тим за Олимписките игри. Спротивно на ова, имате области како Република Српска и Косово, кои се однесуваат како држави, но не постојат меѓународни односи. Значи, меѓународната заедница треба да одлучи дали вреди да се поддржуваат овие квази–држави, со обезбедување на продолжителни мировни мисии, програми за обука, или е време на оние кои можат да станат држава, да им се дозволи да го сторат тоа“, истакна госпоѓа Робертсон.

Лесно е да се биде во западна либерална средина и да се поддржуваат граѓанските основи на национализмот, но во овие области, каде има етнички мешано население, ќе биде мошне тешко да се излезе со етнички чиста основа за создавање на држава, подвлече госпоѓа Робертсон.

XS
SM
MD
LG