Американските извозници, истражувајќи ги најновите услови во светскиот бизнис, велат дека им одговарала послабата вредност на доларот во текот на минатата година. Тие објаснуваат дека тоа придонело за поевтинување на нивните производи, така што нивните фирми станале поконкурентни на пазарите во странство, парирајќи им на европските и јапонските. Но тие се разочарани од слабиот глобален раст на економијата. Претседателот на Американската стопанска комора, Том Донохју, вели дека водечките бизнисмени мора да направат исчекор од актуелната апатија и да инвестираат во иднината: „Ние само седиме и чекаме нешто да се придвижи. Ова е идеално време за акција! Мое мислење е дека, со малку среќа, растот ќе биде еден до два проценти во првата половина на оваа година. Вистински раст може да забележиме ури во четвртиот квартал. Но, моја најголема грижа е што во економија каква што е нашата, а која е најдобра во светот, мора најпрвин да забележиме раст од 3,5 проценти, пред да бидеме во можност да отвориме нови работни места.“
Економскиот напредок што трае од почетокот на минатата година, досега не успеа да придонесе за отворање на нови работни места.
Вилијам О`Шеј, претседател на Bell Labs, истражувачки оддел на Lucent telecom company, вели дека неговата компанија и натаму е на колена, како резултат на негативните ефекти на нејзината гломазност и на наглиот пад на телекомуникациската берза пред три години.
„Во нашата економска гранка, или барем во нашиот случај, во изминатите 12 до 18 месеци се соочуваме со континуиран притисок. Нема некое големо движење нанапред. Едноставно, насочени сме на тоа да прифатиме секаква можност што ќе се појави, да го проектираме нашиот меѓународен бизнис и да ги ставиме нашите трошоци во рамки на постојните пазарни услови.“, вели господинот О’Шеј.
Бил Мариот, извршен директор на ланецот хотели што го носи неговото име, вели дека уништувачки ефект врз индустријата се дочжи на неколкуте последователни кризи: 11 септември, војната во Ирак и епидемијата на САРС. Сето тоа драстично го намалило бизнисот и туристичките патувања. Сепак, г-динот Мариот и натаму е оптимист во однос на Кина: „Минатата година, меѓу 35 и 40 милиони кинески туристи патуваа во странство. Пред пет години тоа беше незамисливо. Американската влада направи огромен и успешен напор за отворање на Кина кон светот и нејзин влез во Светската трговска организација.“
Многумина економски аналитичари предвидуваат дека растот на американската економија ќе изнесува од два до три проценти годинава, се до 4 проценти во 2004 година.