Линкови за пристапност

Флејшер: Потрагата по забрането оружје ќе ја вршат коалиционите сили, а не инспекторите на ОН - 2003-04-22


Портпаролот на Белата куќа, Ари Флејшер изјави дека коалицијата предводена од САД ќе врши потрага по оружјето за масовно уништување, а не ОН.

„Претседателот гледа напред, а не назад. Ние ќе ја преиспитаме рамката дизајнирана за разоружување на ирачкиот режим имајќи ги предвид новите факти од теренот“, рече тој.

Господинот Флејшер рече дека претседателот Буш ќе работи со членовите на Советот за безбедност во повоен Ирак, но дека во тоа не е вклучена потрагата по незаконското оружје.

Наоѓањето на тоа оружје беше една од главните причини за инвазија на Ирак. Американските трупи вршат таква потрага, но засега не е објавена информација со која се потврдува дека нешто е пронајдено.

Инспекторите на ОН во Ирак беа пред војната, а членките на Советот за безбедност на ОН денеска се сретнаа со цел да ги вратат назад во земјата. Русија сака ОН да потврдат дека во Ирак не постои оружје за масовно уништување, пред да бидат укинати економските санкции.

Претседателот Буш бара итно укинување на санкциите за да се овозможи полесна продажба на ирачката нафта за купување на странски стоки. Г-динот Флејшер вели дека санкциите биле наменети за режимот што веќе не постои, и оти сега ембаргото само може да му наштети на ирачкиот народ.

XS
SM
MD
LG