Линкови за пристапност

Франција бара итно укинување на економските санкции спрема Ирак - 2003-04-22


Францускиот амбасадор, Жан Марк де ла Саблиер предлага дека економските санкции врз ирачката популација треба да бидат веднаш укинати. Тој исто така се заложи тимот инспектори за оружје на ОН да работи рамо до рамо со коалицијата под американско раководство во потрагата по оружјето за масовно уништување.

„Во овој контекст, предложив дека треба да се донесе одлука за итно укинување на санкциите врз граѓаните, а предложив и дека треба да се работи и на изнаоѓање на практичен и прагматичен договор, кој, според нас, е потребен за координирање и комбинирање на работата на американските тимови на теренот со работата на Комисијата за мониторинг и верификација и онаа на Меѓународната агенција за атомска енергија“,изјави г-динот Де ла Саблиер.

Францускиот амбасадор ова го соопшти по средбата на Советот за безбедност и главниот инспектор за оружје на ОН, Ханс Бликс и доаѓа во време кога членките на Советот се обидуваат да ја дефинираат улогата на ОН во повоен Ирак.

Администрацијата на претседателот Буш попрво сака потрагата по забранетото оружје во Ирак да ја врши коалицијата под американско водство, а не ОН. Администрацијата на САД врши притисок врз Советот за безбедност да ги укине санкциите против Ирак, воведени по ирачката инвазија на Кувајт во 1990-та година.

Американскиот амбасадор во ОН, Џон Негропонте, по ова прашање истакна:

„Коалиционите напори ќе бидат значително зголемени и проширени. Јас употребив дел од времето на Советот да му ги објаснам различните видови на активности што коалицијата ги презема, како што е интервјуирање на научниците, проверка на документите, посета на сомнителни локации и слично. Тоа е како ние ги замислуваме активностите на коалицијата, сега и во блиска иднина“, рече американскиот амбасадор.

Рускиот амбасадор во ОН, Сергеј Лавров рече дека неговата влада не се противи на укинување на санкциите против Ирак, но сака инспекторите за оружје на ОН прво да потврдат дека Ирак не поседува оружје за масовно уништување и дека нема начин истото да го испорача.

Оваа средба на членките на Советот за безбедност на ОН и главниот инспектор за оружје на ОН, се очекува да биде прва од многуте што ќе следат по ова прашање.

XS
SM
MD
LG