Линкови за пристапност

Анан: Во Ирак треба да се вратат и хуманитарните работници и инспекторите за оружје на ОН - 2003-04-22


Првиот човек на ОН, кој се наоѓа во посета на Виена, изјави дека заради надминување на поделбите што настанаа околу војната во Ирак, меѓународната заедница мора да постигне согласност околу клучните принципи за гарантирање на мирот и стабилноста во земјата.

„Ние мора да го почитуваме суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на Ирак. Мора да прифатиме оти Ирачаните треба да бидат одговорни за сопствената политичка иднина и контрола врз нивните природни ресурси. Но, за да се постигне ова, меѓународната заедница треба да има своја улога, а ние во ОН се подготвени да го дадеме својот придонес“, рече тој.

Господинот Анан пред персоналот на ОН во Виена кажа дека се поголем број вработени во организацијата се враќаат во Ирак. Тој додаде дека тие ќе ја координираат хуманитарната помош и наскоро е можно повторно да го воспостават системот за дистрибуција за целосна имплементација на програмата Нафта за храна.

Генералниот секретар на ОН кажа и дека работата на инспекторите за оружје, кои беа распоредени во Ирак, е меѓународно призната. Нивниот мандат, вели тој, се уште е валиден и беше прекинат само заради војната. Г-динот Анан смета дека инспекторите мора да се вратат во Ирак, штом ќе се создадат услови за тоа, за да потврдат дека во Ирак веќе нема оружје за масовно уништување.

За време на тридневната официјална посета на Австрија, генералниот секретар на ОН оствари средби со водечките политичари од оваа земја. Австрија се надева оти во Виена ќе се одржи евентуалната конференција на ОН за повоен Ирак.

XS
SM
MD
LG