Линкови за пристапност

Нови случаи на САРС во Кина и Хонгконг - 2003-04-22


Во новиот дух на отвореност, Кина пријави 150 нови случаи на заболени од САРС. Бројот на починати во Кина од овој синдром се зголеми за уште пет, на 97.

Во Кина има вкупно околу 2.100 заболени од САРС, што е приближно половина од бројот на заразени во целиот свет – околу 4.000 лица. Досега од САРС во светот починаа 230 лица.

Лиу Џинчао, портпарол на кинеското министерство за надворешни работи тешкиот акутен респираторен синдром го нарече “нова катастрофа за човештвото“.

И покрај новите пријавени случаи, кинеските власти ја повлекоа одлуката за откажување на празнувањето на Денот на трудот, 1-ви мај. Но владата им сугерираше на Кинезите да не патуваат за време на празникот, за да се избегне ширење на болеста во сиромашните рурални области, каде што има малку болници.

Екипа на експерти од Светската здравствена организација е во посета на болниците во Шангај. Во овој град се пријавени само неколку случаи на САРС, што роди сомневања дека тамошните власти го кријат вистинскиот број на заболени, како што беше случај со Пекинг. Во неделата, Владата го разреши министерот за здравство и градоначалникот на Пекинг бидејќи неадекватно реагирале на ширењето на САРС.

Во Хонгонг досега има најмногу смртни случаи - 99. Од најновите 32 заболени, 10 се здравствени работници. Над 20 проценти од вкупно 1.434 заболени од САРС во Хонгонг се здравствени работници. Според, доктор Ју Енг-Кјонг, секретар за здравство на Хонгокг, тоа се должи на несоодветна заштита на здравствените работници.

Администраторот на Хонг Конг, Тунг Че-Хуа, вели дека ќе побара од Владата да обезбеди околу 25 милиони долари за додатна обука на медицинските сестри и лекарите.

Во Малезија од САРС веќе починаа две лица, а се испитуваат уште шест смртни случаи поради сомневање дека се работи за синдромот. Во Сингапур, пак, е затворен најголемиот пазар на свеж зеленчук, откако 24 продавачи беа ставени во карантин, кога за еден нивни колега беше потврдено дека се заразил со САРС.

XS
SM
MD
LG