Линкови за пристапност

Најнови вести-18 април 2003 - 2003-04-18


Ирак

Американските сили во северен Ирак уапсиле уште еден висок претставник на режимот на Садам Хусеин.

Портпаролот на американската војска денеска соопшти дека Ирачките Курди во близина на градот Мосул на коалиционите сили им го предале Самир ал Азиз ал Наџим. Тој е регионален лидер на партијата Баат, и се смета дека би можел да обезбеди информации за работењето на режимот одвнатре. Коалиционите сили сега се фокусирани на воспоставување безбедност и функционирање на јавните сервиси. Во меѓувреме, десетици илјади Ирачани денеска демонстрираа против американското присуство во Багдад.

Ирак-САД- анкета

Најновите истражувања на јавното мислење покажуваат дека најголем дел од Американците сметаат дека сега највисок приоритет во Ирак е обезбедување на хуманитарна помош, а не фаќањето или убиството на Садам Хусеин.

Според анкетата на Галуп, 55 проценти од испитаниците сметаат дека победата ќе биде извојувана и без докази за убиството на ирачкиот лидер. 58 проценти од анкетираните сметаат дека победата во Ирак ќе го намали ризикот од тероризам во САД. Сепак, 73 проценти од испитаниците се загрижени дека Вашингтон ќе биде вовлечен во проблематична мировна мисија во Ирак. Голем број од Американците ја одобруваат работата на претседателот Буш, и во анкетата на Вашингтон пост и Еј Би Си Њуз тоа е изразено со 74 проценти. Во јануари тој процент изнесуваше 59.

Ирак-антиквитети

Двајца советници за култура на претседателот Буш поднесоа оставки во знак на протест за, како што го нарекуваат, неуспехот на американската Влада да го запре ограбувањето на артефактите од багдадските музеи кои се со непроценлива вредност.

Претседавачот со советничкиот комитет Мартин Саливан и членот на работната група Гери Викан поднесоа оставки, истакнувајќи дека американските сили требале да ги спречат пљачкосувањата. Кратците од Националниот музеј во Багдад однеле непознат број богатства од античка Месопотамија, најголем број од нив стари над 4 до 5 илјади години. Во извештаите се цитираат претставници на ОН кои сметаат дека зад кражбите стојат вработени во музејот и професионални кратци. Во меѓувреме, Интерпол и Еф Би Ај велат дека во Ирак се испратени агенти кои ќе помогнат во отркивањето на украдените богатства.

Ирак-гробови

Портпаролот на американската војска вели дека коалиционите сили ги истражуваат извештаите за голем број неозначени гробови откриени во северен Ирак.

Курдски претставници изјавуваат дека во околината на градот Киркук биле откриени над 1.500 мали гробови, кои се од постар датум. Два од гробовите биле откопани и според тамошни претставници пронајдени се остатоци од Курди убиени во 80-те години од страна на режимот на Хусеин. Но, бригадниот генерал Винсент Брукс вели дека не знае колку тела се закопани во гробовите, ниту кој ги закопал и кога.

Хусеин-видео-снимка

Арапската телевизиска станица Абу Даби емитуваше видео снимка на која е прикажан Садам Хусеин на улиците на Багдад, истиот ден кога градот премина во рацете на коалиционите сили.

Телевизијата Абу Даби со седиште во Емиратите вели дека снимката е направена на 9 април, два дена по американските воздушни напади на зградата во Багдад, каде според претставници на разузнавањето се наоѓал Садам Хисеин и неговите синови. На 9 април американските тенкови влегоа во центарот Багдад и ја урнаа статуата на Садам. Засега нема независна потврда за времето кога е направена снимката, ниту дали на неа вистински е прикажан соборениот ирачки лидер. Телевизијата Абу Даби вели дека снимката ја добила денеска од, цитираме „ирачки извори“. Според неа, снимката е направена во населбата ал -Азамија во Багдад, област каде што живеат лојалисти на Хусеин.

Северна Кореја-нуклеарно оружје

Северна Кореја во својата главна нуклеарна постројка успешно преработува над 8.000 стапчиња гориво, чекор што експертите ставуваат оти би можел да води кон производство на плутониум за неколку атомски бомби.

Ова денеска го соопшти официјалната Корејска централна новинска агенција, истакнувајќи дека САД и останатите земји биле информирани за преработката. Но властите во Вашингтон, Сеул и Токио реагираа дека нивните влади немаат таква информација. По објавувањето на оваа информација од страна на Пјонгјанг, високите претставници на Стејт департментот се сретнаа со цел да се договорат како ќе реагираат. Претходно, портпаролот на новинарите им изјави дека не се планира откажување на закажаната средба во Пекинг идната недела меѓу Северна Кореја, САД и Кина.

Велики Петок-прослава

Христијаните во светот денеска присуствуваат на црковните служби на Велики Петок во чест на распнувањето на Исус Христос.

Папата Јован Павле Втори, на насобраните верници пред базиликата Свети Петар им посака честит Велигден. Неколку стотици Христијани во стариoт град во Ерусалим пееја црковни песни и носеа крстови, одејќи по патот за кој се верува дека Исус го изодел до местото каде што бил распнат. Христијаните во Ирак Велики Петок го одбележаа со молитви за враќање на мирот. Христијанската света недла завршува в недела со прославата на Велигден, денот кога според христијанските верувања Исус Христос воскреснал.

XS
SM
MD
LG