Линкови за пристапност

Кинеското раководство наложи транспарентност во однос на  случаите на САРС - 2003-04-18


Кинескиот претседател Ху Џинтао, по итниот состанок со високи членови на владејачката Комунистичка партија, ги предупреди здравствените работници да не прикриваат ниту еден случај на САРС.

Наредбата беше пренесена денеска преку државните медиуми.

Најавувачот на државната телевизија рече дека владата инсистира на тоа дека не смее да има доцнење, ниту мамење во објавувањето на случаите на САРС.

Претходно кинеската влада тврдеше дека во Пекинг има само 37 заразени од оваа болест.

Експерти на Светската здравствена организација велат дека оваа бројка можно е да биде пет пати поголема и дека многу пациенти се кријат во болниците кои се под контрола на армијата.

Но денеска, кинескиот министер за здравство, Занг Венканг се согласи да го промени дефинирањето на пациентите заразени со оваа болест. Со тоа, значително ќе се зголеми бројот на заразените во Пекинг, вели Џејмс Мекгир, кој раководи со експертскиот тим на Светската здравствена организација.

„Доколку има 200 или повеќе од 200 заразени, нема да бидам изненаден. Мислам дека нема да има илјадници случаи на САРС, но ќе има стотици“, смета г-динот Мегнир.

Меѓународните експерти од областа на здравството со месеци велеа дека Кина од своите граѓани, лекари и остатокот на светот, ги прикрила сите или некои информации за појавата на ова заболување.

САРС за првпат се појави во јужната кинеска провинција Гуангдонг и брзо се прошири ширум светот. Досега од болеста се зарасени 3.400 лица, а животот го загубија 165.

Поради бавното објавување на случаите на САРС во Кина, особено туризмот ги почувствува негативните последици. Кинескиот претседател Џинтао вели дека САРС има, цитираме значително влијание и врз економијата во земјата.

Токму ова можно е да ја мотивирало Кина да усвои поотворена политика.

Лекарите во Пекинг поставија посебна телефонска линија преку која ќе одговараат на прашањата на загрижените граѓани околу симтомите на САРС, како висока температура, сува кашлица, главоболка и замор.

Посебната телефонска линија е дел од напорите за јавна едукација со кој Кинезите се повикуваат да живеат паздраво и доколку ги развијат овие симптоми да побараат медицинска помош, што е можно побрзо.

На линијата дневно се јавуваат околу 3.000 жители на Пекинг за да побараат медицински совет.

XS
SM
MD
LG