Линкови за пристапност

Нова задача на американската армија во Ирак - 2003-04-17


Почнувајќи од денес, американската армија ќе ги прераспореди копнените трупи во Ирак.

Офицерот за планирање од петтиот корпус на американската армија, мајорот Луис Раго, вели дека целта на овој комплексен чекор е да се воспостават три посебни воени зони на американската армија и маринците.

„Првично, нападот заеднички го вршеа Маринците и армиските сили од петтиот корпус. Сега, борбениот простор е променет со тоа што армијата продолжува да напаѓа во северен Ирак и го проширува на борбеното поле на запад, додека Маринците го заземаа јужен Ирак, истакна мајорот Раго.

Заедно со британските сојузници, првата, 60-илјадна експедициска сила на Маринците се очекува да ја преземе одговорноста за девет од 18-те ирачки покраини на југ. Петтиот корпус, во кој влегуваат третата пешадиска дивизија што се бореше од границата со Кувајт до Багдад, ќе контролира осум покраини во северниот и западниот дел на земјата. Секоја од овие воени зони има над девет милиони жители.

Третата зона – Багдад, со околу пет милиони жители, ќе биде под контрола на командантот на коалиционите копнени сили, генерал полковникот Дејвид МеКирнан и неговите војници. Овој генерал со три ѕвездички неодамна го пресели својот штаб од Кувајт во главниот град на Ирак.

Поделбата на одговорноста за безбедноста меѓу американската армија и Маринците во Ирак, приближно се совпаѓа со географската организација што ја подготви привремениот администратор на Ирак, американскиот генерал полковник во пензија, Џеј Гарнер. Претседателот Буш во јануари го назначи генералот Гарнер да ја надгледува помошта, реконструкцијата и цивилната влада додека власта не биде предадена на ирачкиот народ преку демократски процес.

Вчера, првиот човек на американската Централна команда, генералот Томи Френкс допатува во Багдад од неговата база во Доха, Катар, на состанок зад затворени врати со генерал полковникот МеКирнан. Се верува дека разговорите биле насочени на планираната воена реорганизација.

XS
SM
MD
LG