Линкови за пристапност

Буш повика на повлекување на санкциите против Ирак - 2003-04-17


Сега кога ирачката влада е соборена, претседателот Буш вели дека е време да завршат економските санкции што беа воведени по ирачката инвазија на Кувајт во 1990 година.

Со тоа ќе се овозможи купување на ирачката нафта и продажбата на производи во Ирак без ограничувањата на програмата нафта за храна на ОН, со која се дозволуваше само ограничена продажба на нафта за да се финансира купувањето храна и лекови за ирачките граѓани.

Во говорот во фабриката за производство на американски борбени авиони во Сент Луис, господинот Буш кажа дека коалиционите сили по паѓањето на Садам Хусеин, доставуваат храна и лекови, како и плати за ирачките лекари и медицински сестри, кои обезбедуваат, како што ја нарече “очајнички потребната нега“ за ирачките цивили.

“И покрај сите потешкотии на оваа транзиција, животот на ирачкиот народ ќе биде подобар отколку што бил со генерации наназадЌ, изјави господинот Буш.

Претседателот кажа дека американските власти веќе им помагаат на ирачките опозициони лидери да формираат привремена управа која ќе организира нови избори.

“Патот од тоталитарно брутално диктаторство до слободно општество, не е лесен. Ќе треба време да се изградат демократски институции и навики на слобода. Сегашниот граѓански ред и мир е воспоставен во заедниците во Ирак и самите Ирачани помагаат во овие напори“, рече тој.

Господинот Буш вели дека ирачките граѓани си ја повратија својата иднина само неколку дена по паѓањето на владата со учество во заедничките патроли и со тоа што ги водеа американските војници до скриеното оружје.

Иако режимот на Садан Хусеин отиде во историјата, господинот Буш вели дека коалиционите трупи и натаму се соочуваат со проблеми во Ирак.

“Американските и коалиционите сили се соочуваат со сериозни ризици во Ирак. Распрсканите непријателски сили се уште можат да им наштетат на нашите сили и на невините. Но ние и натаму сме подготвени. Ќе го завршиме тоа што го започнавме. Ќе вршиме притисок се додека не ја завршиме нашата мисија и додека победата не биде комплетирана“, рече американскиот претседател.

Господинот Буш вчера го потпиша законот за околу 80 милијарди долари со што ќе се покријат трошоците за војната во Ирак и ќе се финансира безбедноста против терористички напад во САД. Потоа, тој отпатува на неговиот ранч во Тексас каде што ќе мине велигденскиот викенд.

XS
SM
MD
LG