Линкови за пристапност

Дали Сирија е следна? - 2003-04-15


Во серијата ескалирачки обвинувања, претседателот Буш и високи претставници на неговата администрација изнесоа остри, јавни предупредувања до Сирија во однос на нејзината наводна улога во помагањето на Ирак.

„Тие очигледно донесоа свесна одлука да игнорираат“, рече г-динот Рамсфелд.

Секретарот за одбрана Доналд Рамсфелд ја обвинува Сирија не само за снабдување на ирачката војска со опрема за ноќно посметрање, туку и за испраќање борци во Ирак и овозможување на членови на соборената ирачка влада да ја напуштат земјата.

„Нашите разузнавачки информации покажуваат дека Сирија им овозможува на свои граѓани и на други државјани да ја минат границата кон Ирак. Тоа се вооружени лица и лица кои носат летоци во кои се вели дека следи награда за оние што ќе убијат Американци или припадници на коалицијата. Поседуваме разузнавачки информации кои индицираат дека на некои Ирачани им било дозволено да останат во Сирија или да ја користат како транзитна територија“, додаде тој.

Во најновите обвинувања, администрацијата во понеделникот откри дека во изминатите 15 месеци ги следела тестирањата за хемиско оружје во Сирија, и оти Сирија складира нервен агенс сарин и работи на развивање и на други токсични супстанци.

И сето ова е кажано со јасен остар дипломатски јазик, нешто што еден сосед на Ирак- имајќи предвид што таму се случи неодамна- не би се чувствувал пријатно да го чуе. Во понеделникот, државниот секретар Колин Пауел рече дека САД ќе ја разгледаат можноста за евентуални дипломатски, економски или други мерки против Сирија. На почетокот на овој месец, заменик-секретарот за одбрана Пол Волфовиц даде ваков коментар:

„Тие прават некои работи што не би требало да ги прават и колку побрзо престанат со тоа, дотолку подобро за нив. Сиријците треба да знаат дека за она што го прават сега ќе треба да одговараат“.

Сирија беше противник на војната за соборување на Садам Хусеин. Сирискиот заменик-амбасадор во Вашингтон Имад Мустафа остро ги отфрли обвинувањата од страна на администрацијата на Буш.

„Нашата Влада го повика американскиот амбасадор во Дамаск во Министерството за надворешни работи и побара од него да достави каква и да информација, материјален доказ во врска со овие обвинувања. Се разбира тие тоа не го сторија“, рече г-динот Мустафа.

Сирискиот заменик-амбасадор вели дека некои од обвинувањата потекнуваат од сирискиот непријател и американски сојузник, Израел.

„Тоа наликува на обид се повеќе и повеќе да се заострува ситуацијата во регионот, или народот уште повеќе да се разлути и обид да се остави впечаток дека сега на ред е Ирак, а утре ќе биде Сирија, потоа Египет, па Саудиска Арабија. Во регионот постои такво чувство“, вели сирискиот заменик-амбасадор.

Рејчел Бронсон, директор за блискоисточни студии при Советот за надворешни односи мисли дека нема сомнени оти администрацијата на Буш сака да го искористи примерот со Ирак за да испрати јасна порака до другите влади во регионот- дека и нивното однесување се следи.

„Таквиот начин на ставање до знаење дека внимаваме на вас и не се обидувајте да ни се спротивставите, веројатно е корисен. Но потребно е тоа да се прави, многу, многу тивко. Бидејќи, она што претставува дипломатски проблем за нас, е дека Ирак е првата фаза од оваа доктрина за превенција. И тие пораки до Сирија и Иран, тие многу гласни пораки, се чини одат во прилог на мислењето дека Сирија и Иран се следните“, смета таа.

По терориристичките напади на 11 септември, претседателот Буш всушност, на земјите како Сирија и Иран кои го поддржуваат Хезболах-јасно им стави до знаење дека САД нема да прават разлика меѓу терористичките групи и земјите што ги поддржуваат.

Иако ниту еден американски преставник не кажа дека САД се подготвени да ја прошират војната од Ирак во Сирија, некои претставници на администрацијата изразија слична загриженост во однос на власта во Дамаск, како што тоа беше за владата во Багдад. Заменик-секретарот за одбрана Пол Волфовиц, запрашан за тоа што ќе се случи со Сирија, одговори:

„И во Сирија ќе треба да има промена“.

Со внимателното набљудување на американско-сириските односи, претставниците на администрацијата се надеваат дека острите предупредувања сами по себе ќе биде доволни да придонесат за промена на однесувањето на Дамаск.

XS
SM
MD
LG