Самитот во Атина долго време се планираше како прослава на европското единство, во рамките на церемонијата на прифаќање на 10 нови членки во ЕУ.
Но изминатите месеци на расправии меѓу европските лидери во врска со војната во Ирак, ја расипаа атмосферата на која се надеваа. Наместо тоа, про-воените лидери, како британскиот премиер Тони Блер ќе се сретнат со анти-воените, како францускиот претседател Жак Ширак, и најдоброто што може да произлезе од тоа е состанок на помирување, како што го нарекуваат аналитичарите.
Во најлош случај, острите поделби би можело пак да бидат отворени меѓу двете страни во врска со војната и улогата на ЕУ во обновата на Ирак, што би го фрлило во сенка овој значаен собир во историјата на ЕУ.
Главниот момент на самитот е утре кога седум држави од поранешниот советски блок, плус Малта, Словенија и грчкиот дел од Кипар, ќе го потпишат договорот за пристапување во ЕУ. Кога овие држави и формално ќе влезат во ЕУ во мај 2004 година, територијата на Унијата ќе се протега од Атлантикот на запад, па до Балтичкото море на исток, и од Арктикот во Шведска до работ на Блискиот Исток со Кипар.
Во ЕУ ќе живеат над 450 милиони жители, а уште 100 милиони се очекува да им се придружат од Бугарија, Романија и Турција во следните неколку години.
Но рамнотежата во самата ЕУ е причина за загриженост меќу актулените членки, кои треба да разговараат за новиот европски устав. Повелбатат што ја предложи поранешниот француски претседател Валери Жискар Дестен, е предмет на уште пожестоки расправи меѓу европските лидери. Тие имаат различни мислења за тоа колку овластувања треба да преминат од самите држави на наддржавните институции на проширената Европска Унија.
Во меѓувреме, Грција која се надева дека церемонијата ќе биде врв на нејзиното шестмесечно претседавање со ЕУ, се подготвува за безбедносен кошмар, во кој чети на анти-воени и анти-глобализациски демонстранти се подготвуваат да се спротистават на повеќе од 10 илјади полицајци. Центарот на Атина сосема ќе биде затворен за сообраќај утре и в четврток, а античките споменици каде што ќе се одвиваат свеченостите, исто така ќе бидат затворени за посетители.
Со највисоки петчлени делегации од 41 држава во градот, овој самит нема да претставува само тест за моќта на Европа за закрепнување, туку и тест за грчките безбедносни можности, само една година пред Олимписките игри во Атина.