Линкови за пристапност

Мајкл Џордан го одигра својот последен натпревар на домашен терен во дресот на НБА - 2003-04-15


Секој настап на Мајкл Џордан во Ем-Си-Ај Центарот во Вашингтон во изминатите две сезони во кои играше за вашингтонските Визардс, беше настан кој ги полнеше трибините до последното место. Симпатизерите и овојпат се потрудија да го испратат Џордан со нешто што ќе се запомни. Кога Џордан седна на клупата на околу две минути пред крајот на натпреварот, кога поразот на Визардс беше веќе осигуран, публиката се крена на нозе, и остана да стои, да аплаудира и да скандира до самиот крај.

„Тие навистина можеа и да не го сторат тоа, но, ете, го сторија. Навивачите овде даваа огромна поддршка. Ги претставував две години, всушност три, една во раководството на тимот и две во дрес. Но пред нив играв само неколку пати. Тие ми ја искажаа својата почит со тоа што беа присутни на секој натпревар. Знаете, 82 натпревара, сите рапродадени. Навистина, немаше потреба од тоа што го сторија денеска, но го сторија и тоа многу ми значи“, изјави кошаркарската легенда по натпреварот.

Мајкл Џордан ги предводеше вашингтонските Визардс и на оваа своја последна игра за нив, на домашен терен, при што постигна 21 поен. Резултатот беше 93 спрема 79 во корист на њујоршките Никс. Натпреварот беше на некој начин безначаен бидејќи и обата тима минатата недела беа елиминирани од плејофот.

Тоа беше големо расочарување за љубителите на Визардс. По повлекувањето од Чикаго Булс, Џордан замина во раководството на Визардс, откаде исто така замина за да се обиде со игра да му помогне на овој тим да влезе во плејоф, но тоа не се случи. Џордан ќе го одигра својот последен натпревар во редовната сезона, утре, во Филаделфија, против Севентисиксерс.

XS
SM
MD
LG