Линкови за пристапност

Специјалната регистрација во САД принуди голем број муслиманските имигранти да пребегнуваат во Канада - 2003-04-14


Пакистанските семејства дури од Тексас и Калифорнија пристигнаа на граничниот премин Платсбург во државата Њујорк. Многумина останале подолго од рокот на нивните визи и се плашат дека ќе бидат депортирани во Пакистан. Мохамед Фарук е илегалец кој три години живеел на Лонг Ајленд, каде што работел како столар.

„Сакам да заминам пред рокот, затоа што не сакам да се вратам во мојата земја, а не можам да живеам тука, така што немам избор“, вели тој.

Но како и десетици други семејства, господинот Фарук, неговата сопруга и трите деца беа вратени од Канада, кога огромен број на баратели на азил се натрупаа на границата. Потоа тој беше уапсен од американските власти, кои го притворија се додека не успеа да собере пет илјади долари кауција.

„Кога ме уапсија ноќе, околу 10 часот, им реков, “Каде ќе одат моите деца?“. А тие рекоа, “Не знаеме“. Тоа е многу лошо. Моето семејство спиеше пет дена во комбе“, се потсетува г-динот Фарук.

Откако измина рокот за регистрација на Пакистанците, семејството Фарук сега се наоѓа во прифатилиште во Вермонт и чекаат нова шанса да влезат во Канада. Прифатилиштата овде се преполни, како и кај граничните премини западно, кај Бафало, Њујорк и Детроит во Мичиген. Патрик Џанантонио раководи со помошта за бегалци во Вермонт. Тој вели дека неговата хуманитарна организација била принудена да престане да им помага на нови семејства.

„Ја достигнавме крајната точка. Вдомивме и се грижиме за над 200 луѓе“, вели г-динот Џанантонио.

Господин Џанантонио вели дека се уште има многу илегални имигранти во САД кои не се регистрирани.

„Доколку некој е пресретнат на пат за граница, ако немаат уреден статус и ако требало да се регистрираат и не го сториле тоа до одредениот рок, тогаш веројатно ќе бидат притворени. Луѓето како да се фатени во стапица“, истакнува тој.

Федералните власти не знаат колку странци ја избегнале регистрацијата, но затоа сметаат дека програмата е успешна. Кимберли Вајсмен, портпарол на новото реорганизирано Биро за царина и заштита на границите, вели дека над 90 илјади луѓе се регистрирале и биле проверени.

„Со ова САД имаат можност да земат отисоци од прсти на странци кои може да претставуваат повишена опасност по националната безбедност, и тие податоци да се споредат со базата на податоци за криминалци и познати терористи. Идентификувавме деветмина терористи преку оваа програма, а утврдивме и врски со терористите“, додава таа.

Госпоѓа Вајсман вели дека над 1.700 мажи биле притворени со специјалната регистрација, повеќето заради имиграциони прекршоци. Од нив, 170 се уште се во затвор, а повеќето од нив се уапсени додека се обидувале да избегаат од САД.

Но, некои критичари изразија сомневање дека овие бројки значат успех. На судското сослушување минатиот месец, републиканскиот сенатор Арлен Спектер преиспитуваше колку е важно апсењето на Пакистанците кои се обидуваат да ја напуштат земјата. Пакистанската влада, клучниот сојузник во војната против тероризмот смета дека ова е строга политика. Асад Хаја-Удин е од пакистанската амбасада во Вашингтон.

„Би рекол дека има атмосфера на страв и вознемиреност. Значи, луѓето кои дури и не направиле прекршок, ги чека притвор и депортација“, вели тој.

Според канадските власти, речиси 2000 Пакистанци пребегале во Канада од САД во првите три месеци од оваа година – што е близу до вкупниот број на обие кои пристигнале во Канада во текот на целата мината година. Многумина се уште чекаат на граница. Сега кога рокот за Пакистанците измина, имигрантите од пет други држави, вклучувајќи ги Египет и Индонезија, треба да се пријават до 25 април. Групите доброволци на границата велат дека илегалните странци од овие земји веќе почнале да контактираат со нив и да бараат помош да пребегаат во Канада.

XS
SM
MD
LG