Линкови за пристапност

Црвениот крст ги повикува американските и британските сили да воспостават ред во Багдад - 2003-04-11


Портапролот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст, Нада Думани, вели дека вработените на агенцијата кои се наоѓаат во Багдад, јавуваат оти некои болници во градот, поради анархијата, не можат да обезбедат медицинска грижа.

„Ниту една болница во Багдад не функционира како што треба. Чувме дека некои болници дури се затворени. Едноставно решиле да ги затворат вратите. Во градот се пљачка, а на улиците стојат вооружени лица. Ова е мошне нестабилна и опасна ситуација. Нашата голема грижа е дека оние луѓе на кои навистина им е потребна медицинска помош, не можат никаде да ја добијат“, истакна госпоѓа Думани.

Претходно, Агенцијата со седиште во Женева, соопшти дека вооружени лица ограбиле неколку здравствени објекти, вклучувајќи ја и багдадската болница Ал-Кинди. Тие изнесувале кревети, електронска и медицинска опрема.

Светската здравствена организација вели дека од екипите во Ирак дознава оти во многу случаи медицинскиот персонал не може дури ни да дојде до болниците. Портпаролот на агенцијата, Кристин МекНаб вели дека некои лекари и медицински сестри не доаѓаат на работа бидејќи стравуваат за сопствената безбедност.

Црвениот крст додава дека со пљачкосувањето во Басра оштетени се водоводните цевки кои неодамна биле инсталирани за довод на чиста вода.

Црвениот крст и агенциите на ОН ги повикуваат американските и британските сили да воспостават подобро обезбедување за медицинските служби да можат да продолжат со работа.

XS
SM
MD
LG