Раководителот на британскиот оддел за меѓународен развој, Клер Шорт вели дека е шокирана од степенот на ограбување низ Ирак. Таа за британското радио изјави дека коалиционите сили мора веднаш да интервенираат.
„Окупирачките сили, САД, Обединетото кралство и Австралија, имаат обврска да го одржуваат јавниот ред во земјата, да ги одржуваат основните хуманитарни служби за цивилите и да овозможат цивилната администрација да функционира. И мора да се направи поголем напор за запирање на сето ова ограбување и насилство“, истакна госпоѓа Шорт.
Британскиот премиер Тони Блер во излагањето пред воените кадети во Кралската воена академија во Сендхрст говореше и за безбедносната состојба во Ирак.
„Британските сили во моментов се обидуваат да воспостават мир и нормална состојба за луѓето кои знаат само за репресија и суровост“, рече тој.
Министерот на вооружените сили, Адам Инграм, на прес-конференмција изјави дека додека британските трупи напредуваат во враќањето на редот и мирот во јужен Ирак, потрагата по оружје за масовно уништување и натаму е примарна мисија на коалицијата.
„Тековната воена акција е само прелиминарна, подготвителна фаза на нашата главна цел, разоружувањето на Ирак. Ние ги поставуваме предусловите за систематска потрага, откривање и долгорочно отстранување на ова оружје“, истакна господинот Инграм.
Тој ги критикуваше британските медиуми кои известуваа за нередите во Багдад, велејќи дека се известувало оти во ирачкиот главен град сега имало повеќе страв отколку кога со него владеел Садам Хусеин. Господинот Инграм кажа дека тоа не може да биде вистина, со оглед на “суровоста и репресијата“ од која страдаа Ирачаните под власта на Садам Хусеин.