Господинот Анан пред новинарите во ОН ги коментираше настаните од последните неколку дена исполнети со радост на толпите луѓе кои ги поздравуваа коалиционите трупи, како и дека немало закон додека ги уриваа статуите на Садам Хусеин и ги ограбуваа зградите на владата и палатите.
„Изгледа дека нема власт што функционира во Ирак во моментов, додека ги гледаме сцените на славје. Но, се разбира, кога ќе помислите на жртвите, како воените, така и на цивилните, Ирачаните платија висока цена“,рече г-динот Анан.
Претставниците на ОН и на хуманитарните организации се загрижени за безбедноста на нивните вработени, за големите пратки хуманитарна помош наменета за ирачкиот народ. Толпите ја разурнаа канцеларијата на УНИЦЕФ во Багдад, крадејќи телефони, мебел и опрема. Светската програма за храна има намера повторно да испрати персонал во Ирак во следните неколку дена за да ја процени ситуацијата и да се подготви за големо доставување на храна и други продукти. УНИЦЕФ известува дека итно е потребна вода за пиење во јужен Ирак.
Претставниците на ОН велат дека Ирак има обучени граѓански служби кои би требало да помогнат во транзицијата на владата, но уништувањето на канцелариите и опремата ќе ја компликува веќе тешката задача.
Според Женевската конвенција, одговорноста за јавниот ред и законитоста е во надлежност на воените сили кога ќе ја преземат контролата. Но австралиската, британската и американската армија стравуваат да преземат чекори со кои би изгледало дека се окупирачка сила.
Освен хуманитарните работници, ОН сакаат во Ирак да се вратат и инспекторите за оружје за да ја продолжат потрагата по оружје за масовно уништување.