Претседавачот со сенатската Комисија за вооружени служби, републиканецот Џон Ворнер, сенатор од Вирџинија, вака ги коментираше телевизиските снимки на кои се гледа како Ирачаните ја отстрануваат статуата на Садам Хусеин од центарот на Багдад:
„Тоа беше историски момент. Сите ние се потсетивме на паѓањето на Берлинскиот ѕид, се вратија сеќавањата на она што го учевме на училиште, за падот на Бастиља и за ослободувањето на затворениците“.
Ова г-динот Ворнер го кажа од говорницата на Сенатот, каде ја претстави резолуцијата со која се осудува ирачкиот третман на американските воени затвореници. Ќе им биде судено на сите од режимот на Садам Хусеин кои го прекршиле меѓународното право, порача сенаторот Ворнер. Необврзувачката резолуција беше едногласно усвоена.
Претставничкиот дом и Сенатот во меѓувреме работат на усогласување на верзиите на Законот за дополнителни трошоци во војната во Ирак и за зајакнување на домашната безбедност, што ги изгласаа минатата недела. Претседателот Буш очекува конечната верзија на овој финансиски пакет во висина од околу 80 милијарди долари да го добие до петок.