Премиерот Џон Хауард вели дека неговата Влада ќе помогне во изградбата на демократијата во Ирак. Тој денеска кажа дека САД ќе раководат со процесот на создавање на привремена влада во Багдад, поддржани од своите воени сојузници Британија и Австралија.
Господинот Хауард нагласи дека коалиционите партнери немаат желба да ја задржат контролата врз ирачка територија подолго време. Напротив, намерата е власта брзо да биде префрлена во раце на ирачкиот народ, на начин на кој тие ќе изберат, кажа австралискиот премиер.
Австралискиот министер за одбрана, Роберт Хил предвидува глобален напор за повторна изградба на Ирак.
„Ние нема да играме повеќе одошто скромна улога, но сметаме дека меѓународната заедница во целина сега треба да му помогне на ирачкиот народ, во овој тежок предизвик“, истакна г-динот Хил.
Австралија испрати две илјади војници, главно морнари, борбени пилоти и припадници на специјалните сили во акцијата за разоружување на Ирак и соборување на Садам Хусеин од власта.
Австралискиот министер за надворешни работи Александер Даунер смета дека војната се уште не е завршена, но оти е прекрасно да се види ослободувањето на еден народ од диктаторство.
„Тоа ме потсетува на други големи настани од мојот живот кога беа симнувани диктатори и репресивни режими“, рече г-динот Даунер.
Иако австралиската Влада на почетокот наиде на силна опозиција во јавноста заради поддршката на САД, последните недели, јавното мислење се сврти во полза на воената акција. Аналитичарите сметаат дека тоа најверојатно се должи на фактот дека австралиските сили немаа човечки загуби во борбите.