Линкови за пристапност

САД од авион емитуваат ТВ-програма до Ирачаните - 2003-04-10


Во очигледен обид да допре до што е можно број на Ирачани, претседателот Буш денес во специјално телевизиско обраќање до ирачкиот народ порача дека се ближи крајот на режимот на Садам Хусеин.

Претходно снимениот говор на претседателот е емитуван на ирачки фрекфенции преку нова телевизиска станица, поставена во специјално опремен авион Це-130 од типот Херкулес што кружи околу Ирак. Импровизираната телевизиска станица, со која управува Пентагон, секоја вечер ќе емитува петчасовна програма во Ирак. Се уште не е познато колку Ирачани имале можност да ја видат програмата, со оглед на фактот дека ширум земјата има прекини на електричната енергија, како и поради колапсот на ирачката државна ТВ-мрежа. Како што е познато, зградата на Ирачката телевизија во Багдад беше една од целите на воздушните напади на коалиционите сили.

„Нашиот единствен непријател е суровиот режим на Садам, а тој режим е и ваш непријател“, им порача денеска претседателот Буш на Ирачаните, подвлекувајќи дека коалиционите сили ќе заминат од Ирак во оној момент кога ќе биде воспоставена стабилна, репрезентативна влада на сите етнички групи во земјата. Тој пораката ја заврши со зборовите:

„Кошмарот што го создаде Садам Хусеин во вашата земја, наскоро ќе заврши. Вие сте добри и надарени луѓе, наследници на голема цивилизација што влијае на целото човештво. Заслужувате подобро од тиранија, корупција и ќелии за измачување. Заслужувате да живеете како слободни луѓе. Му гарантирам на секој граѓанин на Ирак: вашата земја наскоро ќе биде слободна“.

Денешната ТВ-програма вклучи и одвоено обраќање на британскиот премиер Тони Блер, кој им вети на Ирачаните дека нема да се повтори 1991-ва година, кога Садам Хусеин го задуши народното востание по крајот на Војната во Заливот. Обете обраќања беа титлувани на арапски.

Со ваквото емитување на програмата американската влада се обидува да ги убеди Ирачаните и остатокот од арапскиот свет дека американските и британските војници не се непријателска, инвазиона сила. Според медиумските извештаи во САД, американската влада од сабота ќе започне да издава и нов весник на арапски што ќе се разделува во Ирак.

XS
SM
MD
LG