Линкови за пристапност

Неуспешната стратегија на Садам Хусеин - 2003-04-09


Народот славеше на улиците на Багдад додека американските трупи влегоа во центарот на градот. Жителите на Багдад ги отстрануваа сликите и статуите на Садам Хусеин и ги ограбуваа владините канцеларии.

Живописните слики од крајот на контролата на режимот врз главниот град веднаш доведе до дикусии за неуспехот на Садам да остане на власт и покрај изјавите дека ќе ја порази коалицијата предводена од САД.

Мухамед Соваилам е поранешен генерал на египетската армија и директор на Центарот на вооружените сили за стратешки студии во Каиро.

Тој вели дека стратегијата на Садам Хусеин била да спречи војна преку Советот за безбедност на ОН. Но на денот на почетокот на војната, Садам немал воена стратегија.

“Тој сонуваше, сонуваше и живееше во илузии и соништа. Никаква стратегија, никаква тактика, ништо освен лаги, лаги од Садам и од партијата Баат. Се беше илузија“, вели господинот Совалиам.

Мухамед Кадри Саид исто така е поранешен генерал на египетската армија кој сега раководи со воената единица на Центарот ал-Ахрам за политички и воени студии во Каиро. Тој вели дека верува оти Садам имал воена стратегија, но дека му недостигала јавна поддршка.

“Мислам дека Садам имал стратегија, но дека енергијата за поддршка на таа стратегија е минимална. Затоа и пропадна за три недели. Тој е изолиран од државите околу него. Тој нема никаков пристап за снабдување. Исто така, до одреден степен, постои недоверба меѓу него и Ирачаните“, смета господинот Саид. Но тој вели дека поважно од неуспешната ирачка воена стратегија, е коалиционата стратегија, за која вели дека била многу добра.

“Тие почнаа, уште од почетокот да го напаѓаат главниот град. Ги уништија сите комуникации, средства за контрола. И сметам дека нивната тактика, на крајот се покажа многу добра. Користеа воздушни напади до последен момент. Ја комбинираа воздушната надмоќ со копнените сили. Целеа на личности и мали цели, така што направиоја дупки насекаде. Затоа, телото, со време, се распадна“, додаде тој.

Господинот Саид вели дека не очекува акт на последен здив на Садам, како што го нарекува, за нанесување тешки загуби на коалиционите сили.

Но господинот Соваилам од Центарот на вооружените сили за стратешки студии не се согласува со тоа.

“Тоа се уште стои како можност. Тоа сценарио се уште важи, освен ако е мртов. Очекувам ова оружје за масовно уништување да биде пронајдено, сигурно ќе биде пронајдено. Но се плашам дека може да биде употребено во последен момент, доколку тој е жив“, предупредува господинот Соваилам.

Оттаму, Садам Хусеин може да има уште едно изненадување што го чува за коалиционите сили, доколку е жив и доколку некој ги извршува неговите наредби, велат некои аналитичари. Затоа коалиционите сили веќе се подготвуваат од Багдад да влезат во неговиот роден град и упориште, Тикрит. Но овие грижи не им беа на ум на луѓето во Багдад додека го славеа крајот на владеењето на Садам.

XS
SM
MD
LG