Линкови за пристапност

Балкански труст за демократија - 2003-04-08


Дваесет и пет милиони долари почетен капитал, што ќе биде инвестиран на Балканот, е во раце на новиот Балкански труст за демократија кој вчера беше промовиран во Вашингтон. Трустот е резултат на невообичаена деловна врска меѓу јавниот и приватниот сектор. Негови основачи се Германскиот маршалов фонд на САД, Фондацијата Чарлс Стјуарт Мот и Американската агенција за меѓународен развој (USAID).

„Ние цврсто веруваме дека Балканот може да биде успех, а ние ќе придонесеме тоа да се случи“, кажа господинот Крег Кенеди, директор на Германскиот маршалов фонд. Оваа институција, која во Балканскиот труст вложува десет милиони долари, е формирана во 1972 година со подарок од Германија, а мисијата и е да дава грантови за промовирање на трансатлантлантска соработка и разбирање. Мот, пак, чиј влог е пет милиони долари, е приватна филантропска фондација што од 1926 година поддржува проекти за еднаквост и правда во општествата. Третиот основач е американската влада, преку својата агенција за помош на странски држави, USAID.

„Ако Балканскиот Труст за демократија стори за Југоисточна Европа барем дел од она што за Европа значеше Германскиот маршалов план, тоа би значело огромен напредок за регионот“, кажа Ендрју Нациос, администратор на Агенцијата за меѓународен развој. Тој изрази оптимизам за проектот кој ќе започне со работа летово. Дел од тајната на успехот на американскиот демократски модел е доброто изведување на трансформацијата на граѓанските институции, а не зависи толку од успешноста на владата, кажа Нациос, додавајќи дека применувањето на таквото искуство сигурно ќе помогне за унапредувањето на Балканот.

На свеченоста по повод инаугурацијата на Балканскиот труст посебно беше нагласен тајмингот на потегот, кога државите од Југоисточна Европа го започнаа процесот за членство во ЕУ, а Романија и Бугарија се поканети за приклучување во НАТО. Беше речено дека за реализација на ваквата агенда услов е стабилна демократија, а тоа уште не е случај. Помагајќи во тој процес, Трустот ќе дава близу два милиони долари во грантови годишно на граѓански групи, невладини организации, локални и регионални влади, образовни институции и медиуми за поддршка на локални иницијативи со кои би се подобрила врската меѓу граѓаните и нивните влади. По десет години, владината агенција се повлекува отстапувајќи место на други донатори и со надеж дека ќе биде поттикнат инвеститорскиот интерес.

Седиштето на Балканскиот Труст ќе биде во Белград, а ќе работи со Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Косово, Македонија , Црна Гора, Романија и Србија.

На нашето прашање дали приоритетите за Македонија се знаат, господинот Иван Вејвода, новоназначениот директор на Балканскиот труст за демократија, кој бил советник за надворешна политика на српскиот премиер Зоран Џинџиќ, кажа: „Токму тоа ќе е мојата прва задача кога ќе ја преземам работата на први јуни. Ќе направам обиколка на регионот заради проценка на потребите на регионот и во рамки на тоа да го посетам Скопје и на теренот да разговарам со владини и невладини претставници за од нив да слушнам кои им се приоритетите“. Целта на Балканскиот труст е иницијативите да потекнат одоздола, а не да бидат наметнати, вели господинот Вејвода, додавајќи дека нема однапред одредена сума за секоја држава, туку дека тоа ќе зависи од предлозите кои ќе бидат прифатени за реализација.

XS
SM
MD
LG