Линкови за пристапност

СЗО: Резервите на медицински материјал во болниците во Багдад се намалуваат - 2003-04-08


Светската здравствена организација е загрижена што во болниците во Багдад има се помалку медицински материјал, особено оној неопходен за итни случаи. Портпаролот на Агенцијата Јан Симпсон вели дека недостигот се должи на големиот број на цивилни жртви во ирачкиот главен град.

„Почнуваат да пристигнуваат извештаи за недостаток, особено на резреви за итни случаи. Тоа е опрема потребна за итни операции, опрема за лекување изгореници, за повреди на главата“, соопшти тој.

Господинот Симпсон вели дека пред почетокот на војната во Багдад имало доволно медицински материјал за неколку недели за работа под нормални услови. Светската здравствена органзиација не знае точно колку цивили се повредени за време на воздушните напади на коалицијата и во борбите меѓу американските и ирачките трупи.

Меѓународниот комитет на Црвениот крст соопшти дека неговите работници посетиле неколку болници во Багдад, но дека тие не можат да допрат до сите медицински центи во главниот град. Според Црвениот крст, болниците во Багдад се полни, има недостиг на анестетици, а лекарите работат нон-стоп. Работниците на Црвеникот крст на почетокот на неделава започнале да доставуваат хируршки инструменти по болниците во ирачкиот главен град.

Господинот Симпсон кажа дека Светската здравствена организација, зависно од безбедносната ситуација, планира да достави медицински материјал за итни случаи во Ирак.

„Во моментов имаме многу материјал за итни случаи во Јордан и се трудиме да изнајдеме начин како да ги пренесеме преку границата до Багдад. Тоа се уште не се одвива, но со обидуваме тоа да го изведеме“, рече г-динот Симсон.

И двете агенции тврдат дека запирањето на електричната енергија и недостатокот на вода дополнително ја влошиле ситуацијата во болниците во Багдад.

XS
SM
MD
LG