Линкови за пристапност

Буш-Блер: ОН ќе имаат витална улога во повоен Ирак - 2003-04-08


Претседателот Буш изјави дека не знае дали Садам Хусеин загинал во вчерашното бомбардирање на еден ресторан во Багдад, каде, според разузнавачките информации, требало да се состанат ирачките лидери. Но, американскиот претседател подвлече дека знае оти Садам Хусеин ја губи власта.

„Слабее контролата што, како што ја опишував, Садам ја постигнуваше стискајќи ги вратовите на Ирачаните. Не можам да кажам дали се ослободени од сите десет прсти, но еден по еден прст, тоа ќе се случи. Народот почнува да го сфаќа тоа. За ирачкиот народ е значајно да продолжи да ја слуша оваа порака: нема да застанеме се додека не бидете слободни. Садам Хусеин ќе биде минато“, истакна г-динот Буш.

На заедничката прес-конференција, обајцата лидери говореа за, како што ја нарекоа, „виталната“ улога на ОН во поддршката на транзиционата влада која ќе го замени Садам Хусеин. Премиерот Блер вели дека транзиционата власт нема да биде под диктат на коалицијата предводена од САД и Британија.

„Со новиот Ирак што ќе настане, нема да раководиме ниту ние, ниту ОН. Тоа е погрешен избор. Со Ирак ќе раководи ирачкиот народ. Сите ние ќе сториме се што е во наша моќ за да помогнеме во процесот на транзиција“, рече г-динот Блер.

Премиерот Блер притиска за поголема улога на ОН во пост-воен Ирак. Овој став наидува на противење од страна некои членови на администрацијата на Буш, бидејќи Советот за безбедност не ја поддржа инвазијата, поради заканата од Франција дека ќе го употреби правото на вето.

Пред да биде воспоставена привремената влада, г-динот Буш ќе назначи еден пензиониран американски генерал да управува со земјата, што предизвика загриженост кај некои европски лидери дека Вашингтон ќе продолжи да го контролира Багдад.

Претседателот Буш директно одговори на овие критики, истакнувајќи дека „виталната“ улога на ОН, според него, значи обезбедување на храна и лекови како и помагање на привремената власт, сугерирајќи притоа дека е можно во неа да има и претставници на Светската организација.

„Евидентен е извесен скептицизам во Европа околу тоа дали она што го зборувам и го мислам. На Садам Хусеин му е јасно дека она што го зборувам и го мислам. И народот во Ирак ќе знае дека кога зборуваме за слободата, тоа и го мислиме. А, кога велиме витална улога за ОН, тоа навистина значи витална улога за ОН“, рече американскиот претседател.

По прес-конференцијата, претседателот Буш и премиерот Блер се сретнаа со лидерите на Северна Ирска на разговори за петгодишниот договор за поделба на власта меѓу католиците и протестантите. Пред да замине за Вашингтон, американскиот претседател со британскиот премиер разговараше и за мировните планови за Блискиот исток.

XS
SM
MD
LG