Линкови за пристапност

Најнови вести - 4 април 2003 - 2003-04-04


Средба на тројца министри од Европа за повоен Ирак

Министрите за надворешни работи на Франција, Русија и Германија ги повикаа ОН да играат клучна улога во обновата на Ирак кога таму ќе се врати мирот.

Шефот на француската дипломатија Доминик де Вилепин денеска во Париз се сретна со неговите колеги од Русија, Игор Иванов и од Германија, Јошка Фишер. Тројцата повторно го изразија противењето на нивните дрѓави на војната и кажаа дека обединетата меѓународна заедница е приоритет во справувањето со повоен Ирак. Американските власти велат дека меѓународната организација ќе биде потребна за да обезбеди хуманитарна помош на Ирак, но дека и натаму се дискутира како тоа ќе изгледа.

Ирак – Русија - Кина

Кина и Русија повикуваат на итен прекин на војната во Ирак, велејќи дека ОН мора да бидат одговорни за решавање на конфликот на мирен начин.

Рускиот заменик-министер за надворешни работи, Јури Федотов денеска изјави дека обете земји се длабоко загрижени за хуманитарните последици од војната и дека сакаат да продолжат да соработуваат со ОН за постигнување на дипломатско решение на кризата. Ова г-динот Федотов го изјави по средбите со кинеското раководство во Пекинг. Тој кажа и дека Русија и Кина се залагаат да ги заштитат нивните економски интереси во Ирак и да обезбедат дека ОН ќе имаат централна улога во сите фази од војната, вклучително и повоената реконструкција.

Буш – Ирак

Претседателот Буш и британкиот премиер Тони Блер наредната недела се очекува да разговараат за текот на ирачката војна.

Портпаролот на Белата куќа, Ари Флејшер денеска изјави дека обајцата лидери ќе се сретнат во Белфаст, што ќе претставува нивна трета средба за помалку од еден месец. Разговорите коинцидираат со провизорните дискусии за структурата на повоен Ирак. Г-динот Флејшер изјави дека ОН и ирачкиот народ ќе ги имаат клучните улоги во повоен Ирак. Портпаролот предупредува дека не треба да се избрзува со дискусиите за повоен Ирак, додавајќи дека крајната цел е да се добие војната.

Ирак хемиско оружје

Американските офицери велат дека коалиционите трупи нашле големи количини на нешто што може да биде средство за хемиска војна, при пребарување на еден индустриски комплекс во близина на Багдад.

Илјадници пакети на неидентификувана супстанца, противсредство за нервен гас и прирачници за хемиска војна се пронајдени на локацијата, која наводно била пребарувана повеќепати во минатото од меѓународните инспектори. Во меѓувреме американски воени претставници во седиштето на Централната команда во Катар велат дека екипа на специјалните единици во ирачката западна пустинска област нашле, како што велат, школа за обука за водење хемиска, биолошка или нуклеарна војна

Борби во Авганистан

Силите предводени од САД во Авганистан освоиле една талебанска база во планините во југозападен Авганистан, при што се убиени осум талебански борци, а 15 биле заробени.

Базата се наоѓала во планините Торгар, северно од градот Спин Болдак во јужната провинција Кандахар. Во средата американските сили ја бомбардираа базата откако беше нападнат тим на американските специјални сили. Портпарол на американската армија изјави дека има докази оти некои осомничени Талебанци избегале. Тој исто така кажа дека американска патрола уапсила шест мажи кои имале два минофрлачи и две автоматски пушки, во близина на базата во Асадабад во провинцијата Кунар, што граничи со Пакистан.

XS
SM
MD
LG