Линкови за пристапност

Разговор со Координаторот на Пактот за стабилност за Југоисточна Европа, Ерхард Бусек - 2003-04-03


Глас на Америка на македонски јазик: Како ја оценувате ситуацијата во Македонија и на што за вашата организација претстои работа?

Ерхард Бусек: Што се однесува на Македонија, жал ми е што морам да кажам, ние изгубивме две години. Мислам дека е возможно новата влада да продолжи напред. Она што сега се случува навистина ветува. Концентрирани сме на најитните прашања во моментов, како што е менаџмент на границите. Ќе има охридска конференција меѓу ЕУ, НАТО и Пактот за стабилност, посветена на границите, особено на границата со Косово и Србија. Но, исто така се фокусираме на инфраструктурата, на коридорите десет и осум, кои мислам дека се многу важни за Македонија, а кои сега се градат со помош на Европската инвестициона банка. Значително се фокусираме и на електричната енергија, што исто така е важно за Македонија, и секако, работиме на тоа да го подобриме инвестирањето. Неодамна, во декември, имавме разговори со премиерот и со претседателот на државата за тоа што повеќе може да се стори во врска со инвестирањето и да дадеме совети за промена во легислативата каде тие се неопходни. Мислам дека работите не стојат така лошо.

Глас на Америка на македонски јазик: Но, кажавте „да се стори повеќе“. Значи ли тоа дека не сте сосема задоволен со она што до сега е сторено?

Ерхард Бусек: Јас би бил задоволен Македонија да беше кандидат за влегување во ЕУ со исполнување на бараните критериуми. Мислам дека има уште пат да се изоди, но се оди во вистинска насока.

Глас на Америка на македонски јазик: Вие, може да се каже, им помагате на земјите од овој дел на Европа да се приближат до тие критериуми за влегување во европските структури. Мислите ли дека во тој процес на интегрирање ќе биде пречка нивната поддршка на војната во Ирак под американско раководство, со оглед на сегашната поделба на сојузниците по ова прашање?

Ерхард Бусек: Мислам дека ова е генерална програма што се бави со тоа како да се работи во сегашната ситуација, и оттаму не е само за земјите кои ја поддржуваат или се против војната. Мислам дека е важно да се постигне заеднички став во иднина, да се избегнат такви разлики. Но мислам дека нема да има влијание на ова.

Страшно е да се каже, но мислам дека две работи, ирачката војна и атентатот на премиерот Џинџиќ додадоа на свеста за важноста на регионот. Првата, дека овој регион е мошне блиску до Блискиот Исток, а втората, дека тој не е стабилен, поради што не можеме да кажеме дека ситуацијата таму е „нормална“. Ние мора да сториме нешто регионот да се движи во вистинската насока.

Глас на Америка на македонски јазик: Знам дека во Македонија работите на многу фронтови, но кога би требало да дадете совет за тоа што би била единствената најважна работа што Македонија треба да ја стори, во најнепосредна иднина, што би бил вашиот совет?

Ерхард Бусек: Има многу работи што треба да се сторат. Прво, да се покрене легислатива во интерес на биснисот. Мислам дека бизнис-заедницата треба да му верува на законодавството. Вие не можете да ги менувате законите секои три месеци. Вториот дел би била борбата против криминалот, посебно организираниот криминал, мислам дека тоа е многу важно, и конечно да се направи повеќе за безбедноста. Ние помагаме во собирањето на лесното оружје со цел да ја намалиме опасноста по ова прашање, и во контекс на охридската средба – тоа е менаџментот на границите.

XS
SM
MD
LG