Линкови за пристапност

Најнови вести - 4/03/2003 - 2003-04-03


Ирак-воени операции

Извори во американската армија велат дека американските трупи извршиле напад врз главниот аеродром во Багдад, што се наоѓа на 20 километри од центарот на градот.

Известувачите од Ирак слушнале силни експлозии од правец на аеродромот во југозападното предградие на Багдад, каде во изминативе два дена се пробива Третата американска пешадиска дивизија. Според најновите извештаи некои од американските трупи се на само 10 километри од Багдад. Ирачкиот министер за информации ги демантира извешатите за напредокот на американските трупи, велејќи дека цитираме „трупите никаде ги нема“. Некои делови на Багдад ноќва останале без електрична енергија. Но шефот на американскиот здружен Генералштаб вели дека коалиционите сили не погодиле цели поврзани со електричното напојување на градот.

Буш-камп Лежун

Американскиот претседател Џорџ Буш кажа дека САД ќе го одржат зборот и ќе го завршат она што го започнаа во Ирак.

Претседателот говореше пред толпата полна со ентузијазам во најголемата воена база на маринците во Лежун, во Северна Каролина. Од оваа база имаше многу жртви, или 12 Американци кои загинаа во акција од почетокот на војната пред две недели беа од базата Лежун. Господинот Буш денеска се сретна и со некои од семејствата на загинатите. Тој ги поздрави американските трупи што веќе освоија стотици километри во Ирак за само неколку дена и кажа дека, цитираме, остануваат последните 200 метри.

Пауел-Брисел

Американскиот државен секретар Колин Пауел кажа дека меѓународната соработка ќе биде значајна во одредувањето на иднината на повоен Ирак.

По разговорите со европските и министрите на НАТО во Брисел, државниот секретар ги изложи плановите за постепен процес на стабилизирање на состојбата во Ирак, кога ќе престанат борбите. Господинот Пауел кажа дека тоа ќе започне со тоа што командантите на акоалицијата предводена од САД ќе формираат привремена управа, а потоа ќе бидат воведени ОН и претставници на ирачкиот народ. Европските лидери велат дека ОН треба да имаат централна улога во обновата на Ирак. Господинот Пауел рече дека ова прашање ќе биде одредено преку преговорите во иднина.

Багдад –напад врз претседателската палата

Американските специјални сили нападнале една од палатите на Садам Хусеин северно од Багдад.

Американскиот бригаден генерал Винсент Брукс им изјави на новинарите дека војниците не нашле членови на ирачкото раководство во палатата Тартар, но дека зеле документи што ќе бидат корисни за разузнавачки информации. Генералот Брукс на новинарите им покажа и ноќна снимка на американски војници кои од хеликоптер влегуваат во палатата, која се наоѓа на 90 километри од Багдад. Тој кажа дека специјалните единици зазеле позиции долж главниот пат на север од Багдад, што води кон Тикрит, родното место на Хусеин и центарот на неговата моќ. Американскиот портпарол покажа и снимка на американските специјални сили кои го контролираат Хадитах Дам, северозападно од Багдад, но кажа дека ирачката армија ги напаѓа со артилерија и гранати.

Ирак-Курди

Ирачките Курди потпомогнати од мала група американски војници се судрија со ирачките сили во пробивот кон градот Мосул, во северен Ирак.

Американските бомбардери ги напаѓаа ирачките позиции во тој регион за време на борбите што траеја неколку часа. Ирачките власти ги предупредија Курдите да не им помагаат на коалиционите сили под американско раководство во војната за соборување на Садам Хусеин.

ОН-Северна Кореја

Специјалниот пратеник на ОН за Северна Кореја вели дека спорот околу нуклеарната програма има потенцијал да прерасне во војна. Маурис Стронг на прес-конференцијата во Лондон изјави дека војната можеби е неzамислива и непотребна, но е сосема возможна. Г-динот Стронг рече дека не верува оти САД сакаат да ја нападнат Северна Кореја, ниту пак дека Северна Кореја посакува војна. Советот за безбедност на ОН следната недела ќе одржи состанок на кој за првпат ќе стане збор за севернокорејската криза. Оваа седница следува три месеци по повлекувањето на Пјонгјанг од Договорот за нуклеарна безбедност. Северна Кореја ги предупреди ОН да не се мешаат во спорот.

XS
SM
MD
LG