Линкови за пристапност

Ерхард Бусек: Ситуацијата во Македонија е охрабрувачка - 2003-04-03


Координаторот за југоисточна Европа на Пактот за стабилност, господинот Ерхард Бусек вели дека би бил најсреќен Македонија да може да се кандидира за влегување во ЕУ, но засега останува оптимист во напорите што земјата ги прави во таа насока.

„Што се однесува на Македонија“, вели тој, „жал ми е што морам да кажам, ние изгубивме две години. Но новата влада, мислам, прави возможно да се напредне, мошне е ветувачко она што се случува. Концентрирани сме на најитните прашања во моментов, како уредување на границите, ќе има охридска конференција меѓу ЕУ и Пактот за стабилност за да се уредат границите, особено на косовско-српската граница, но исто така се фокусираме на инфраструктурата, на коридорите десет и осум, кои мислам дека се многу важни за Македонија, кои сега се градат со помош на Инвестиционата банка на ЕУ, многу работиме на електификацијата, што исто така е важно за Македонија, и секако, да го подобриме инвестирањето“.

Неодамнeшната средба во Скопје што господинот Бусек ја имал со македонското раководство на бизнис - теми, за него е охрабрувачки знак. Тој смета дека биле плодотворни разговорите со премиерот и со шефот на државата за тоа што може повеќе да се стори во насока на натамошен развој и при тоа биле понудени совети за промена на легислативата каде што тоа е неопходно.

„Мислам дека работите не стојат лошо“, вели господинот Бусек.

Тој посебно посочува на две работи кои во последно време ја засилиле свеста за важноста на регионот на Југоистоточна Еврпа – војната во Ирак и атентатот на српскиот премиер. Едното ја потенцира географската близина со Блискиот Исток, а другото дека ситуацијата се уште не може да се нарече, како што вели тој, нормална, од каде произлегува и потребата да се направи нешто за работите да се канализираат кон вистинската насока.

Меѓутоа, гледано од страна на Македонија, господинот Бусек смета дека најважно е да се донесе соодветна легислатива во интерес на бизнисот.

„Мислам дека бизнис-заедницата треба да им верува на законите и вие не можете да ги менувате секои три месеци. Втора работа е борбата со криминалот, особено со организираниот криминал, и да се создаде клима на поголема безбедност“, кажа координаторот на Пактот за стабилност за Југоисточна Европа, доктор Ерхард Бусек.

XS
SM
MD
LG