Ирак-воени операции
Според извештаите, силите предводени од САД во Ирак денеска напредуваат кон Багдад и од јужниот и од југоисточниот фронт.
Репортерите кои патуваат заедно за американските сили известуваат дека некои единици се пробиле низ градот Карбала на југ од Багдад, движејќи се кон исток, додека другите напредуваат кон градот Ал Кут. Американската војска соопшти дека е разбиена багдадската дивизија на ирачката елитна Републиканска гарда која го бранела Ал Кут. Известувачите од теренот јавуваат дека американските трупи се наоѓаат на 30 километри оддалеченост од Багдад. Во меѓувреме, очевидци тврдат дека една ракета од американските борбени авиони погодила породилна болница на Црвениот крст, при што загинало најмалку едно лице, а ранети се 12. Централната команда на американската армија вели дека го проверува извештајот. Пауел-Турција
Американскиот државен секретар Колин Пауел кажа дека Турција се согласила да им дозволи на САД да ја користат нејзината територија за да ги снабдуваат американските сили во соседен Ирак.
Господинот Пауел ова го соопшти на денешната прес конференција во Анкара по разговорите со турските лидери. Тој рече дека разговорите биле продуктивни и дека биле од помош и ја пофали Турција како важна членка на коалицијата оредводена од САД за соборување на режимот на ирачкиот лидер Садам Хусеин. Но господинот Пауел изрази разочарување заради одбивањето на турскиот Парламент минатиот месец да им дозволи на американските сили да ја користат турската територија за војната во Ирак. Турскиот министер за надворешни работи Абдула Ѓул кажа дека кажа дека посетата на господинот Пауел ги зајакнала американско-турските односи.
Пауел-Белград-Брисел
Американскиот државен секретар Колин Пауел пристигна во куса посета на Белград, на разговори со лидерите на Србија и Црна Гора за безбедноста и за прашања од меѓународен интерес.
Секретарот Пауел се среќава со претседателот Светозар Маровиќ и со новиот српски премиер Зоран Живковиќ. Според претставници на Стејт Департментот, г-динот Пауел во разговорите ќе ја истакне американската поддршка за Србија и Црна Гора во битката со организираниот криминал, воените злосторници и политичкиот екстремизам. Се очекува во разговорите да бидат споменати и напорите на Србија и Црна Гора за приклучување кон евро-атлантските организации кои ќе гарантираат економски напредок и долгорочна стабилност. Секретарот Пауел лично ќе изрази и сочувство на вдовицата на убиениот српски премиер Зоран Ѓинѓиќ. Подоцна, г-динот Пауел ќе отпатува за Брисел каде утре ќе разговара со лидерите на ЕУ.
Ирак-Курди
Ирачката Влада ги предупреди Курдите на север од земјата да не им помагаат на САД во војната против Багдад.
Соопштението, што му се припишува на Садам Хусеин, денеска на ирачката телевизија го прочита ирачкиот министер за информации. Курдските борци во сојуз со американските сили се приближуваат кон градовите Киркук и Мосул, кои се под контрола на Владата, додека ирачките трупи ги напуштија позициите во близина на северот што е под контрола на Курдите. Во меѓувреме, американските воени авиони ги бомбардираа позициите на ирачката армија меѓу северните градови Дохук и Мосул, во близина на Киркук.
ОН-Ирак-хуманитарна помош
ОН соопштија дека е обезбедена храна и други продукти во вредност од милијарда долари за ирачкиот народ, на кој му е најнеопходна, но дека можеби ќе биде тешко да се достави.
Овие производи биле купени од страна на Ирак според програмата што ја одобри ОН, нафта за храна, која беше прекината пред почетокот на војната. Советот за безбедност на ОН му одобри на генералниот секретар Кофи Анан да продолжи со програмата за 45 дена. Во меѓувреме, Фондот за развој на жените на ОН бара од меѓународната заедница да им излезе во пресрет на потребите на ирачките жени за време на војната и во текот на обновата земја.
Босна и Херцеговина-скандал
Српскиот претседавач на босанското колективно претседателство поднесе оставка заради скандалот со шпионажа и нелегална продажба на оружје на Ирак.
Мирко Шаровиќ ја поднесе оставката само неколку дена откако претставници на НАТО соопштија дека имаат докази дека бил вмешан во шпионски активности на воените власти на Босанските Срби насочени кон трупите на алијансата и на меѓународните претставници во Босна и Херцеговина. Меѓународните истражители исто така го поврзуваат господинот Шаровиќ со испраќањето делови за воен авион во Ирак. Тајниот извоз на оружје дошол од компанијата „Орао“ на српската воена авијација додека господинот Шаровиќ бил претседател на Република Српска.
Романија- НАТО
Романските власти велат дека ќе бидат домаќини на престојната средба на премиерите од седум земји, поканети за членство во НАТО, наредната година.
Официјални лица на Романија денеска изјавија дека лидерите на седумте држави ќе разговараат за евентуаланата меѓусебна помош во процесот на зачленување во Алијансата. Средбата ќе се одржи во сабота, во градот Снагов, што се наоѓа на 20 километри од Букурешт. Разговорите ќе бидат фокусирани на процесот на промените во НАТО и неговото влијание врз европската безбедност. За време на ноемврискиот самит на НАТО во Прага, за членство беа поканети Бугарија, Естонија, Латвија, Литванија, Романија, Словенија и Словачка, а на иден прием во Алијансата се надеваат Хрватска, Македонија и Албанија.