Амнести интернешенал врши притисок на Комисијата за човекови права на ОН во која членуваат 53 држави, за испраќање монитори за човекови права во Ирак.
Зборувајќи со новинарите во Женева, каде Комисијата ја одржува својата годишна средба главниот директор за меѓународно право на Амнести, господинот Клаудио Кордоне, кажа дека монитори се потребни низ цел Ирак кога безбедносните услови тоа ќе го дозволат.
„Нивниот мандат би требало да покрие сериозни кршења на човековите права, без оглед кој е сторителот, како и да покрие ситуации каде може да се случи да имаме различни сили да контролираат различни делови од земјата“, рече тој.
Господинот Кордоне вели дека за цивилните жртви и за тешките прекршувања на правилата на војната мора да има истрага. Тој ги поттикна ирачките власти да престанат со преправањето на своите војници во цивили, велејќи дека тоа е повреда на меѓународното право и доведување на цивилите во опасност.
„Тоа во хуманитарното право се вика перфидност. Тоа е воено кривично дело според статутот на Меѓународниот кривичен суд“, додава г-динот Кордоне.
Тој вели дека воените затвореници можат да бидат заробени насекаде, но оти мора да бидат третирани во согласност со прописите, без нивно застрашување. Тој исто така кажа дека ирачки цивили можат да бидат приведени само во границите на Ирак. Тој ги повика САД да не ги испраќаат ирачките воени затвореници во Заливот Гвантанамо, во Куба, каде што беа одведени некои затвореници од војната во Авганистан, затоа што Гвантанамо е надвор од САД, а затворениците таму не се заштитени со американското право.
Господинот Кордоне додаде дека Британија е еднствената сила инволвирана во ирачката војна која го ставила својот потпис на Меѓународниот кривичен суд. Како таква, вели тој, таа ќе може да биде судена од овој суд доколку има наводи за извршени воени злосторства.
Претставникот на Амнести вели дека друго тело веќе постои што е законски компетентно да истражува тврдења за воени кривични дела- Меѓународната хуманитарна комисија за пронаоѓање на факти. И Британија и Австралија ја признаваат комисијата,но не и САД.