Линкови за пристапност

Блер: „Со Ирак не треба да раководат ниту коалицијата, ниту ОН, туку ирачкиот народ“ - 2003-04-02


Господинот Блер пред британскиот Парламент изложи приближен план за тоа како Ирак треба да ја спроведе транзицијата од еднопартиско во демократско владеење.

Тој истакна дека по соборувањето на ирачкиот лидер од власт, коалицијата под американско раководство, ќе формира, како што ја нарече, де факто администрација во Ирак.

Премиерот Блер кажа и дека очекува ОН да донесат резолуција пред завршувањето на војната, со која ќе се постави основата за репрезентативна Влада во Ирак.

„Што е можно побрзо, со Ирак не треба да раководат ниту коалицијата, ниту ОН, туку ирачкиот народ. И тоа треба да биде врз основа на широка репрезентативна Влада која ќе ги почитува човековите права и која е определена за мир и стабилност во регионот. Јас сум мошне убеден дека мнозинството Ирачани сакаат да го видат токму ова“, истакна британскиот премиер.

Господинот Блер појасни дека можно е да се јават проблеми при барањето ОН да го поддржат овој план, но сепак кажа дека верува оти спорот ќе биде надминат и покрај спротиставените ставови во Советот за безбендост, околу војната во Ирак.

„Штом ќе заврши конфликтот, битно е ОН да донесат резолуција со која ќе се координира ситуацијата, со цел да обезбедиме хуманитарна помош и воопшто, да помогнеме во повоен Ирак. Ќе има потешкотии околу тоа кога ќе се направи транзицијата на поставување на привремена влада во земјата, но мислам дека една работа е заедничка, без оглед на различните ставови, секој има разбирање дека ова мора да биде потврдено од ОН, истакна господинот Блер.

Тој кажа и дека Садам Хусеин планира да ги оштети светите места на Муслиманите Шиити во градовите Карбала и Наџаф и за нападите да ги обвини коалиционите сили.

„Сакам да подвлечам пред вас и пред поширокиот арапски и муслимански свет, дека правиме се што можеме, да ги заштитиме овие свети места и се надевам оти луѓето имаат разбирање дека со тоа што Садам Хусеин е подготвен да ги употреби овие тактики, како што тоа го стори и во минатото, уште еднаш ја истакнува вистинската природа на овој режим“, рече господинот Блер.

Британскиот премиер кажа и дека неговата Влада и натаму ќе ги одржува односите со Сирија и Иран и покрај обвинувањата кои доаѓаат од Вашингтон дека овие земји наводно се вмешани во воените активности во Ирак. Господинот Блер кажа дека Британија може да го употреби своето влијание за да го модифицира сириското и иранското однесување.

XS
SM
MD
LG