Заменик-директорот за операции на американската Централна команда, бригадниот генерал Винсент Брукс вели дека американските трупи ќе го задржат правото на самоодбрана како главен елемент на нивните правила на дејствување. Генералот Брукс зборуваше на прес-конференцијата откако американските маринци денеска застрелаа еден невооружен ирачки возач на контролен пункт во јужен Ирак, неколку часа откако во сличен инцидент американски војници застрелаа седум жени и деца во возило на контролен пункт во градот Наџаф во централен Ирак.
Во овој случај, американските трупи велат дека пукале кон возилото откако биле игнорирани две предупредувања да запре.
Генералот Брукс соопшти дека во тек е истрага за двата инцидента, но ги обвини ирачките сили за намерно поставување на цивили на линијата на фронтот.
„Нема промена на нашите правила на дејствување во изминативе денови. Зголемена е будноста, поради тактиката што на бојното поле ја користат режимот и одредите на смртта“, истакна генералот Брукс.
Претставниците на американската армија на брифинзите постојано ја обвинуваат ирачката влада дека употребува цивили, особено жени и деца, како човечки штитови и за упатување закани со смрт до оние Ирачани кои ќе одбијат да се борат за режимот.
„Нашиот став е дека рацете на режимот се окрвавени поради одлуката и волјата за ваква злоупотреба на населението“, вели генералот Брукс.
Тој беше запрашан дали вооружените инциденти на контролните пунктови негативно ќе се одразат на напорите на коалицијата предводена во САД да ја добие поддршката од ирачкиот народ.
„Ние жалиме за цивилините жртви, но во овој момент тие и натаму се неизбежни, како што тоа било и низ историјата“, истакна американскиот генерал.
Господинот Брукс кажа дека нема докази за да го потврди обвинувањето на ирачкиот министер за информации дека американски борбени авиони извршиле напад врз автобус во западен Ирак, во кој имало меѓународни волонтери што правеле човечки штит.