Линкови за пристапност

Американскиот државен секретар Колин Пауел пристигна во Анкара - 2003-04-01


Господинот Пауел треба да се сретне со својот турски колега, Абдула Ѓул, со премиерот Тајип Ердоган и со претседателот Ахмет Неџет Сезер.

Односите меѓу Турција и САД изминативе месеци станаа затегнати како никогаш порано. Двете држави имаат спротивни агенди, кога станува збор за Ирак. САД долго вршеа притисок Турција да преземе активна улога во воената кампања во Ирак, но поголемото мнозинство Турци се противеа на војната, а турскиот парламент на 1-ви март со мнозинство гласови не дозволи распоредување на американските трупи во Турција.

Одлуката да се одбие американското барање уследи по неколкумесечни преговори меѓу САД и Турција. На крајот, администрацијата на претседателот Буш, на Турција и понуди шест милијарди долари во заеми и грантови, во замена за нејзината помош. Тој пакет подоцна беше повлечен, а државниот секретар Колин Пауел, пред да замине во Анкара јасно кажа дека при оваа посета, тој нема да и понуди пари на Турција.

Турскиот министер за надворешни работи, Абдула Ѓул ги отфрли шпекулациите дека господинот Пауел ќе побара САД да ги користат турските бази. Турција, инаку, дозволи коалиционите авиони да го користат нејзиниот воздушен простор.

Турските претставници велат дека едно од најитните прашања за кои треба да расправаат двете земји е ситуацијата во северен Ирак. Турција бара писмена гаранција од Вашингтон дека на ирачките Курди нема да им биде дозволено да ја преземат контролата во покраините Киркук и Мосул, богати со нафта.

Турција стравува дека доколку Курдите ја окупираат оваа територија, со парите од нафтата би можеле да го остварат својот долгогодишен сон за независност и да го разгорат сепаратистичкото расположение меѓу турското курдско население.

Да се спречи таков развој на настаните, турските лидери велат дека го задржуваат правото, доколку има потреба, воено да интервенираат во енклавата на Курдите, ситуација што САД сакаат да се избегне.

XS
SM
MD
LG