Линкови за пристапност

Стејт департмент:  подобрувања, но и проблеми со човековите права во Македонија - 2003-04-01


Иако има извесни подобрувања, остануваат сериозни проблеми. Вака Стејт департментот ја оцени состојбата на човековите права во Македонија во 2002-ра година, во синоќа издадениот редовен извештај што поединечно се однесува на над 190 земји во светот.

Во извештајот што Стејт департментот е должен да го направи по нарачка на Конгресот секој година, во делот за Македонија стои дека новата влада демонстрирала заложба за подобрување на почитувањето на човековите права во земјата преку конкретни акции. Во време на претходната влада, се вели во извештајот, забележано е најмалку едно противзаконско убиство што го извршила полицијата, а имало бројни случаи на тортура и тепање на притворените. Според Стејт департментот, произволните апсења и притварања, како и свикувањето на информативни разговори и натаму претставуваат проблем, и покрај законот од 1997-ма година што предвидува полицијата најпрвин да добие судски налог.

Рамковната спогодба, се наведува во извештајот на Стејт департментот, обезбедува зајакнати граѓански права за малцинствата и пренесување на ингеренциите од централно на локално ниво.

Изборите минатиот септември се оценети како слободни, праведни и мирни. Судството се терети дека напати е под политичко влијание, а одредени припадници на ВМРО-ДПМНЕ кои членуваа во претходната влада, дека незаконски профитирале од приватизацијата на претпријатијата во државна сопственост. Нискиот стандард на живеење и високата невработеност постојано предизвикуваат социјални немири, се наведува во извештајот.

Меѓу останатите проблеми се вброени насилството врз жените и нивната дискриминација - особено во етнички албанската заедница, општествената дискриминација на малцинствата, како и трговијата со жени и девојчиња заради проституција.

Во извештајот, објавен во сенка на војната во Ирак, не беа поштедени ниту американските противници, ниту сојузниците. Кина се критикува за уште полош учинок од оној минатата година, Израел за прекумерна употреба на сила при апсење на палестинските милитантни, а членовите на палестинските сили за безбедност и движењето Фатах на Јасер Арафат за анти-израелско насилство и тероризам. Извештајот на Стејт департментот редовно предизвикува реакции ширум светот, најповеќе гневни тврдења, дека САД ги ставаат под лупа сите во светот, освен самите себеси. Меѓународната организација за човекови права Амнести Интернешенал, на пример, соошти дека иако извештајот е во основа чесен и заснован на факти, одредени американски аспекти во однос на борбата против тероризмот често се неконзистентни со заштитата на човековите права.

XS
SM
MD
LG