Портпаролот на Белата куќа, Ари Флејшер вели дека претседателот Буш верува во воениот план, и како што кажа самиот, планот функционира. Тој истакна дека господинот Буш нема да реагира на, како што рече, секојдневните различни изјави што некој ги дава.
Некои од изјавите доаѓаат од командантите на теренот и од офицери во пензија, кои го доведуваат во прашање бројот на трупите испратени во Ирак.
По брзиот почеток на инвазијата, коалиционите сили наидоа на отпор, кој беше посилен од очекуваниот, како и на заседи, што придонесе за забавување на напредувањето кон Багдад.
Додека претседателот Буш и натаму е фокусиран на пробивање кон ирачкиот главен град, тој сепак предупредува дека можно е најжестоките борби допрва да претстојат. Тој се очекува оваа порака да ја истакне за време на своето обраќање пред американските маринци во воената база во Северна Каролина, закажано за в четврток.
Висок претставник на американската администрација вели дека господинот Буш ќе продолжи да се појавува во јавноста, цитираме, редовно, но не секојдневно, бидејќи, претседателот нема да биде коментатор на борбите од час во час.