Линкови за пристапност

Висок претставник на австралиската одбрана тврди: „Коалиционата кампања во Ирак се одвива според планот“ - 2003-04-01


Највисокиот армиски офицер во Австралија вели дека сојузничкиот напредок во Ирак значително добро се одвива. Генералот Питер Косгроув кажа дека коалиционите трупи се обучени и доволно силни за да се справат со ирачкиот отпор, за кој владата признава дека е пожесток отколку што се очекувало.

Ова е најголем број на сили што Австралија ги испратила во странство по војната во Виетнам. Австралиските специјални сили оперираат длабоко на ирачка територија, изведувајќи извиднички и разузнавачки мисии. Нуркачите од морнарицата, пак, помогнаа во расчистувањето на мините кај ирачкото пристаниште Ум Каср, додека австралиските транспортни авиони го снабдуваат фронтот. Австралиските борбени авиони Ф-А 18 Хорнет учествуваа во бомбардирањето на Ирак.

На воениот брифинг во Канбера, генералот Косгроув кажа дека кампањата на коалицијата во Ирак се довива според планот.

„Војната е полна со изненадувања. Веќе имаше неколку досега и веројатно уште следуваат. Тоа е природата на битката, но непредвидените настани не не исфрлија од колосек и коалиционите сили се се пофлексибилни и поиздржливи. Според мое гледиште, општата слика претставува драматичен успех и остварување на планираното“, истакна генералот Косгроув.

Според најновите индиции, расте јавната поддршка во земјата за ангажиарњето во Ирак. Кога австралискиот конзервативен премиер Џон Хауард пред две недели одлучи Австралија да влезе во војна, јавноста се двоумеше. Според тогашните испитувања на јавното мислење, огромно мнозинство од Австралијанците беа против воената акција во Ирак без одобрение од ОН. Тоа противење изгледа дека избледува, судејќи според анкетите објавени денеска.

Во досегашниот тек на војната Австралија не претрпе човечки загуби и многумина Австралијанци сметаат дека сега, кога трупите предводени од САД влегоа во Ирак, треба да останат и да ја завршат задачата до крај. Анти-военото движење во Австралија, меѓутоа, и натаму е гласно. За утре се планираат протести во целата земја, организирани од студентски групи, кои велат дека конфликтот е нелегален и неморален.

XS
SM
MD
LG