Линкови за пристапност

Најнови вести - 2003-03-31


Војна во Ирак

Коалиционите сили продолжуваат со нападите врз ирачките воени позиции, во новата серија бомбардирања на Багдад и жестоките копнени битки на југ од главниот град.

Американските трупи во текот на битката кај градот Хиндија на реката Еуфрат заробиле неколку десетици војници на ирачката армија, како и припадници на елитната Републиканска гарда. Битката кај Хиндија што е на 80 километри јужно од Багдад се води во близина на клучниот мост за преминување на реката.

Борби на Северниот фронт

На фронтот во северен Ирак, американските авиони бомбардирале позиции на ирачката војска во близина на градот Калак.

Нападите ги присилиле ирачките трупи на повлекување кон југ, со што им се овозможува на курдските борци да заземаат нови територии. Исто така денеска се слушнале неколку силни експлозии во најголемиот град на северот Мосул. Наводно ирачките сили се концентрираат во градот Киркук, познат по нафтените извори, кој е на околу 150 километри југоисточно од Мосул. Во меѓувреме, коалиционите сили го пребаруваат кампот во северен Ирак кој наводно го користела терористичката група Ансар ал Ислам. Претставници на американската армија велат дека кампот кој во голема мерка бил уништен во бомбардирањата минатата недела се користен за производство на смртоносниот отров рицин, кој годинава беше пронајден од страна на британската полиција во еден стан во Лондон.

Сирија сојуzник на Ирак

Сирија изрази поддршка за Ирак, по предупредувањето од страна на американскиот државен секретар Колин Пауел до Дамаск да престане со поддржувањето на ирачкото раководство и тероризмот.

Министерството за надворешни работи на Сирија денеска објави дека Сирија избрала да биде сојузник на ирачкиот народ против како што ја нарекува „нелегалната и неоправдана инвазија“. Вчера, секретарот Пауел пред про-израелската лоби група изјаи дека Сирија мора да ја сфати одговорноста за последиците од поддржувањето на терористичките групи и како што го нарече, режимот на Садам Хусеин кој полека исчезнува.

Нови правила за безбедност на аеродромите

Американските власти велат дека ќе воведат нови правила на безбедност на некои од најфреквентните аеродроми во земјата за да ги заштитат патничките авиони од терористички напади со рачни ракетни фрлачи.

Њујорк Тајмс цитира неименувани претставници на администрацијата на Буш кои велат дека инспекциите покажале оти најголем број од патничките авиони се ранливи на вакви напади. Новите безбедносни правила би вклучувале деноноќни патроли на аеродромите и зголемување на електронското набљудување на пистите. Американските претставници велат дека нема докази оти во САД биле прошверцувани вакви ракети, но тие се сметаат за потенцијална закана.

Епидемија во Азија

Азиските земји ги проверуваат патниците во авиосообраќајот во потрага по симптоми на Опасниот акутен респираторен синдром, кој е прогласен за сериозен ризик по здравјето.

На луѓето за кои постои сомнение дека биле изложени на овој вирус нема да им биде дозволено да патуваат. Оние пак што во земјата ќе пристигнат со симптоми на болеста ќе бидат подложени на медицински третман. Во Сингапур, сите патници преку меѓународниот аеродром ќе бидат проверувани од здравствени лица. Владата во Хонг Конг воведе карантин за околу 200 жители на еден станбен комплекс кои се заразени од вирусот. Голем број земји ги советуваат своите граѓани да не патуваат во Кина, Хонг Конг, Сингапур и Виетнам каде што се откриени најголем број од заболените.

XS
SM
MD
LG