Воздушните сили на коалицијата синоќа извршија уште еден жесток напад врз Багдад, додека пешадијата и натаму се подготвува за неизбежниот судир со утврдената ирачка Републиканска гарда, на патните правци кон главниот ирачки град.
Вчера имаше судири и на политичко поле. Американски официјални лица аргументираа дека војната се одвива според планот и очекувањата.
Американските трупи вчера целосно го опколија градот Наџаф, на 160 километри од Багдад, и се подготвуваат за евентуална тешка битка гради-в-гради. Во саботата, на контролен пункт во близина на Наџаф, бомбаш-самоубиец активира експлозив во своето возило, при што загинаа четворица американски војници. Ирачки официјални оица најавија нови самоубиствени напади. Помалите ирачки паравоени единици и натаму вршат партизански тип на напади, во обид да ги попречат линиите на снабдување на коалиционите сили.
Првиот човек на Американската централна команда, генералот Томи Френкс, кажа дека американските сили во северен Ирак, што е под контрола на Курдите, отвориле нов, солиден фронт.
Британските сили, пак, продолжија со офанзивата кон јужниот град Басра.
Говорејќи за ТВ-мрежата Еј-Би-Си, американскиот секретар за одбрана Доналд Рамсфелд подвлече дека битката за Багдад ќе биде најжестока во војната.
„Ирачките сили се повлекоа поблиску кон Багдад. Како што напредуваме, доаѓаат се попроблематични денови, бидејќи ќе треба да се справиме со овие сили и со Републиканската гарда. Тоа најверојатно ќе биде најтешката битка за коалицијата“, смета првиот човек на американската одбрана.
На политички фронт, американски официјални лица одвратија на критиката дека првичните воени планови за експресна победа биле нереално оптимистички.
Секретарот Рамсфелд смета дека војната се одвива според планот. Американскиот државен секретар Колин Пауел синоќа изрази целосна доверба во генералот Френкс и начинот на кој ја води војната.
Во Доха, Катар, од каде командува со операциите, генералот Френкс истакна дека акцијата досега бележи само успеси: „Всушност, се одвива според планираното. Според мое мислење, напредокот досега не само што е прифатлив, туку е и извонреден“.
Генералот Френкс додаде дека планот сам по себе е замислен да биде флексибилен и адаптибилен на ситуацијата на теренот.
Засилување од 120 илјади американски војници чека на распоредување во Персискиот Залив, но не се очекува овие сили да влезат во директна битка за неколку недели.