Линкови за пристапност

САД: Расправата за бизнис зделките за реконструкција на Ирак се одвива во погрешно време - 2003-03-28


Американскиотдржавен потсекретар Алан Ларсон ги критикуваше неодамнешните европски поплаки дека на американските компании ќе им биде даден најголем дел од работата за реконструкција на Ирак.

Господинот Ларсон, американскиот државен потсекретар за економски, бизнис и земјоделски прашања, на прес - конференцијата во Париз кажа дека дискусиите за работните зделки се одвиваат во погрешно време, кога војната се уште е во полн ек.

„Договорите за кои нашироко се расправа се договори кои се плаќаат со пари на американските даночни обврзници за обезбедување брзи услуги за рехабилитација. Тука се вклучени активности како повторно отворање на пристаништата за да може да се достави храна. Повторно воспоставување на протек на електрична енергија, гаснење на пожарите на нафтените полиња, така што природните богатства на Ирак нема да завшат во чад“, истакна г-динот Ларсон.

Тој кажа дека изборот на американските компании кои ќе ги понесат овие првични напори бил брзо направен и се покажал ефикасен. Последните денови мултимилионски договори им се дадени на големи американски фирми. Но господинот Ларсон рече дека американската влада е отворена за странски фирми, и сега и во иднина.

Забелешките на американскиот државен потсекретар уследија по средбите во Брисел и Париз пред јунскиот самит на Групата 8 што ќе се одржи во Евиан, Франција. Трансатлантското несогласување во врска со Ирак и натаму се чувствува, и членовите на Групата 8 како Германија, Русија и Франција ја осудија акцијата предводена од САД.

Европјаните и Американците исто така се во расчекор во однос на тоа кој ќе ги сноси трошоците за пост0воена реконструкција. Но господинот Ларсон расположението меѓу американските и европските официјални лица го карактеризира како многу позитивно.

„Мислам дека најдобар начин да се надминат овие чувства кои постојат на двете страни на Атлантикот е да почне да се работи. Има многу работа и во тоа нема да се успее доколку Европа и САД не работат заедно“, рече тој.

Господинот Ларсон не се задржа на критиките на Франција, Германија и другите кои велат дека ОН треба да ја имаат водечката улога во ирачката реконструкција, и кажа дека специфични ангажмани ќе бидат направени со време,но дека меѓународната заедница треба да соработува како што тоа го прави по прашањето за обнова на Авганистан.

Тој кажа дека програмата на ОН `Нафта за храна` може да се употреби за краткорочна достава на хуманитарна помош за Ирак. Тој исто така, нагласи дека и САД и ЕУ сметаат оти ќе бидат потребни околу сто милиони долари итна хуманитарна помош.

На долгорочен план, господинот Ларсон исто така сугерираше дека таканаречениот париски-клуб на кредитори би можел да го насочи своето внимание на големиот ирачки долг.

XS
SM
MD
LG