Линкови за пристапност

Блер: Престојат опасни и тешки моменти во војната во Ирак - 2003-03-28


Премиерот Блер за Британското радио изјави дека војната добро се одвива во оваа прва недела , но дека ќе треба време за да се победи ирачкиот претседател Садам Хусеин, и да се добие довербата на ирачкиот народ. Погрешно е да се очекува дека ирачките граѓани ќе се побунат се додека функционира безбедносниот систем на Садам Хусеин, кажа британскиот премиер.

„Обичните луѓе, кои се навикнати овие безбедносни сили буквално да ги извлекуваат од дома, да им ги одземаат семејствата, да ги погубуваат – десетици илјади политички затвореници, голем број на луѓе убиени преку репресија – овие луѓе нема да се побунат се додека не се сигурни дека Садам заминува од власта“, рече тој.

Господинот Блер кажа дека и натаму е посветен на целите на војната - разоружување на Ирак и за соборување на Садам Хусеин, иако признава дека многу Британци се уште се сомневаат во причините за започнување на војната.

„Сметам дека постои нова безбедносна закана, и се уште не сме ги отвориле очите за тоа. Мислам дека Америка, во извесна смисла, заради 11 септември, затоа што тоа беше страшно злосторство, ја шокираше јавноста и ја измени целата психологија. Заканата по безбедноста е реална. Врската меѓу непријателските репресивни држави со оружје за масовно уништување и терористичките групи е реална“, истакнува британскиот премиер.

Господинот Блер по средбата со генералниот секретар Кофи Анан кажа дека е убеден оти деновиве ќе биде усвоена нова резолуција што ќе ја обнови програмата нафта за храна, благодарение на која се прехрануваа 60 отсто од ирачкиот народ.

За господинот Блер сега личен приоритет е да се обиде да ги поправи односите меѓу САД и ОН, откако Франција во Советото за безбедност го блокираше авторизирањето на воената акција во Ирак.

XS
SM
MD
LG