Линкови за пристапност

Конгресно сослушување за ефектот на средствата што САД ги доделуваат за развој на демократијата во Централна и Југоисточна Европа - 2003-03-28


Сослушувањето се одржа во Поткомисијата за Европа, а сведочеа господата Томас Адамс, координатор на американската помош за Европа и Евроазија во Стејт департментот, и Кент Хил, помошник-администратор во Бирото за Европа и Евроазија на Американската агенција за меѓународен развој. Обајцата изнесоа бројки и факти што покажуваат напредок во земјите од регионот на Централна и Југоисточна Европа, благодарение на средствата од САД, што се распределуваат согласно два законски акта. Едниот е во сила од 1989 и е познат под називот SEED, кратенка за Акт за поддршка на Источноевропската демократија, а другиот е од 1991 година, познат како Акт за поддршка на слободата и главно се однесува на посткомунистичките земји настанати со распаѓањето на Советскиот Сојуз.

Податокот дека осум од 27 поранешни комунистички држави, како што велат сведоците на сослушувањето, дипломирале, односно не се веќе меѓу главните реципиенти на американска помош заради постигнување на стандардот да бидат примени во НАТО, седум други се поканети, а осум се на пат да бидат примени во ЕУ, беше протолкуван како успех на американските програми. Македонија, сепак, останува во групата заедно со Албанија, Србија и Црна Гора, Косово и Босна и Херцеговина и натаму да добива помош за решавање на своите демократски предизвици.

„Јас цврсто верувам дека САД мора да останат на својот курс на Балканот и да продолжат да надоградуваат на големиот успех и мир создаден во изминатите неколку години“, рече господинот Кент, додавајќи дека помошта за овие земји има за цел тие да влезат во евро-атлантските институции, за да не се повтори крвопролевањето од изминатата деценија.

Таму каде што централната влада нема политичка волја да имплементира реформи, средствата ги насочуваме на локално ниво, кажа тој,се поддржува малото стопанство и развојот на невладини организации. Господинот Кент ја вброи Македонија во земјите каде се применува таков пристап, заедно со Азербејџан, Грузија, Босна, Косово и Србија.

„Неодамнешниот трагичен атентат врз српскиот премиер Ѓинѓиќ јасно покажува дека треба да истраеме и да останеме длабоко ангажирани. И тоа ќе го сториме“, кажа г-динот Адамс.

За Македонија за 2004, според програмите на Актот SEED, проектирани се 39 милиони долари, што според господинот Томас Адамс од Стејт департментот, ќе се употребат за реализација на Рамковниот договор од 2001 година. Јадрото на краткорочните и долгорочните програми би биле полициските реформи. Зајакнување на професионализацијата и мулти-етничката димензија, како и иновативна програма за обука со цел да се насочат полициските инспектори, обвинителите и истражните судии кон единствена и агресивна борба против трговијата со луѓе, се само дел од проектите на кои работи Стејт департментот согласно Актот за помош на источно-европската демократија.

Како една од клучните области во која треба да се инвестираат средства во Југоисточна Европа беше посочена борбата против корупцијата, која како што кажаа сведоците на ова конгресно сослушување, е на исто рамниште со корупцијата во Латинска Америка.

XS
SM
MD
LG