Претседателот Буш им кажа на војниците дека американските трупи, кои напредуваат кон ирачкиот главен град, се борат против едни од најжестоките борци на Садам Хусеин.
„Нашата армија добро напредува во Ирак, иако оваа војна е далеку од крај. Како што се приближуваат кон Багдад, нашите борбени единици се соочуваат со најочајните елементи на безнадежниот режим“, рече тој.
Господинот Буш кажа дека не може да предвиди колку долго ќе трае војната, но дека е сигурен оти доаѓа денот за конечна пресметка со ирачкиот лидер.
„Од ден на ден, Садам Хусеин ја губи контролата врз Ирак. Од ден во ден, ирачкиот народ е се поблизу до слободата“, истакна г-динот Буш.
Пред говорот, портпаролот на Белата куќа Ари Флејшер најави дека господинот Буш ќе објави оти војната напредува побрзо од предвиденото, но американски официјални лица велат дела дека претседателот одлучил да ја извади оваа реченица за време на летот до Флорида, кога го прегледувал говорот.
Господинот Буш имаше воен брифинг и ручек со војниците, пред да се врати во Вашингтон на средба со британскиот премиер Тони Блер во претседателското одморалиште Кемп Дејвид во близината на Вашингтон.