Американскиот претседател пред претставниците на Пентагон кажа дека додека не е возможно да се знае времетраењето на војната во Ирак, сепак исходот е извесен.
Господинот Буш кажа дека ирачкиот народ ќе биде слободен и светот ќе биде побезбеден и помирен.
Тој ги пофали коалиционите сили велејќи дека маршот кон Багдад се одвива според планираното.
„Нашата коалиција добро напредува. Се бориме против непријател кој не познава владеење на правото, но ние храбро ќе му се спротиставиме“, истакна господинот Буш.
Претседателот кажа дека нема сомнение оти режимот на Садам Хусеин ќе падне, а неговата Влада ќе биде разоружана.
Тој истакна и дека војниците и нивните семејства ја покажуваат својата подготвеност да се жртвуваат за да се добие оваа војна.
„Нашите трупи и нивните семјества покажуваат огромна храброст и некои претрпеа огромни загуби. Америка е благодарна на сите оние кои се жртвуваа за нашата кауза. Нашата коалиција е силна. Таа е обединета преку принципот на заштита не само на оваа нација, туку на сите нации од брутален режим кој е вооружан со оружје за масовно уништување кое може да усмрти стотици невини луѓе“, подвлече претседателот Буш.
Господинот Буш го посети Пентагон за да соопшти дека од американскиот Конгрес планира да побара да одобри 74,7 милијарди долари, потребни за конфликтот во Ирак и глобалната борба против тероризмот.