Претставниците на Пентагон се надеваа дека со чудо ќе ја завршат војната пред да стане сериозна. Првата ноќ беа употребени салва проектили и бомби и имаа за цел да го елиминираат ирачкото раководство.
Но, овој таканаречен обид за обезглавување очигледно пропадна и сега коалиционите копнени трупи, со поддршка од воздух, се движат кон Багдад, во обид на потежок начин да го отстранат режимот на Садам Хусеин.
Веројатно ова е уште поголем предизвик затоа што коалицијата се обидува да го собори лидерот додека во исто време се обидува да ја сочува инфраструктурата во земјата, а цивилното население и нивниот имот да останат недопрени.
Сепак, Пентагон е цврсто уверен дека во случајот со Ирак, тоа може да има долгорочни политички придобивки, не само кај ирачките цивили, туку и во целиот арапски свет. Портпаролот на Пентагон, Викторија Кларк вака ги сумира досегашните напори:
„Нашето бомбардирање цели на режимот на Садам Хусеин и неговото раководство. Ние бомбардираме одредени цели во и околу Багдад, како што е Центарот за контрола на Владата, просториите на Специјалната организација за безбедноист, седиштето на Специјалната републиканска гарда и на Ирачката разузнавачка служба. Истовремено, преземаме огромни мерки за заштита на животите на невините цивили“, истакна госпоѓа Кларк.
Засега на ирачкиот режим му се пружа огромна предност. Со тоа што јавно се изјавува однапред дека коалицијата нема да напаѓа споменици на културата, на пример, Садам Хусеин би можел лесно да се сокрие во едно од нив заедно со неговите команданти и значителна количина на воени ресурси. Иронично е што малку внимание е насочено на овие ограничувања. Наместо тоа, некои извештаи сугерираат дека воените напори се заглавуваат само затоа што има жртви кај сојузниците и затоа што беа заробени војници од ирачка страна.
Но, високи претставници на одбраната, како што е генерал мајорот Станли МекКристал од здружениот Генералштаб на Пентагон, велат дека изолираните инциденти не ја одразуваат верно она што тој го нарекува глобалната слика.
„Една од работите што командантот секогаш мора да ја направи, е да се осигура дека ја гледа целата слика, затоа што има голема тенденција, како што командантот го планира неговиот воен план, да очекува малку работи да отидат во погрешна насока. И кога тоа ќе се случи, има шанси дека ќе се фокусирате на тоа, но ако се повлечете чекор наназад и ја погледнете поголемата слика, како на оваа кампања, ќе видите дека одлично се одвива“, смета господинот МекКристал.
Тој сепак беше внимателен да каже колку долго би траела војната. Други официјални претставници сметаат дека таа би можела да трае со недели, па дури и месеци, но никој не вели дека војната ќе трае со денови.