Линкови за пристапност

Ирак ги критикува арапските лидери заради немање цврст став против инвазијата врз Ирак - 2003-03-25


Потпретседателот на Ирак, Таха Јасин Рамадан, ги критикуваше арапските држави затоа што не зазеле цврст став против инвазијата врз Ирак. Тој ги повика арапските земји да ги протераат американските и британските дипломати.

Господинот Рамадан пред новинарите во Багдад изрази чудење зошто арапските држави што произведуваат нафта не го запреле извозот за како што ги нарече, земјите - агресори.

Тој обвини некои арапски земји дека обезбедувале разузнавачки информации за коалиционите сили, со што, според него, им овозможиле да погодат одредени цели во Ирак. Ирачкиот потпретседател ги отфрли тврдењата на британските власти дека јужното пристаниште Ум Каср сега е под целосна контрола на коалициониите сили.

Ирачкиот министер за информации, Мохамед Саед ал-Сахаф, пак, ги негираше американските тврдења дека Ирак добил современа опрема за електронско попречување од Русија, како и заштитни очила за ноќно набљудување и анти-тенковски проектили.

„Ве информираме, отворено, дека тоа е апсолутно неосновано. Нема руски експерти во Ирак. Не сме побарале и не сме добиле ништо, бидејќи не сме побарале од ниедна држава, а особено не од Русија, да не снабди со што и да е, без оглед дали се работи за оружје или технологија, истакна господинот Ал Сахаф.

Претседателот Буш вчера се пожали на Русија дека руски компании продале забранета опрема на Ирак. Ирачкиот министер за нафта, Амир Мухамед Рашид, вчера изјави дека Ирак се уште може да рафинира доволно нафта за да ги задоволи домашните потреби, и покрај интензивното бомбардирање во земјата. Тој исто така категорично ги негираше наводите дека ирачките трупи запалиле нафтени полиња.

XS
SM
MD
LG