Линч: Алиша, добиваме извештаи за експлозии во близината на Багдад. Што можеш да ни кажеш во врска со ова?
Ру: Веруваме дека експлозиите се почеток на воздушните напади врз Дивизијата Медина на Републиканската гарда, стационирана на западната страна од Багдад. Ова е битка се планира веќе подолго време. Не сме сигурни кога точно ќе отпочне пешадискиот напад. Се претпоставува дека оваа дивизија на Републиканската гарда брои околу 20.000 војници, вкопани на западната страна на Багдад. Во правец на Багдад се движат илјадници маринци. Се уште се водат некои борби во пределот на Насарија во јужен Ирак. Таму во моментов се врши расчистување на теренот. Во суштина, единиците ги обезбедуваат мостовите, а во истовреме наидуваат на спорадичен оган од лесно оружје, што не претставува поголем проблем. Останатите единици се движат кон Багдад. Се очекува голема песочна бура, но наводно, барем што се однесува до американската армија, тоа нема многу да влијае на денешните планови да се нападне дивизијата Медина на Републиканската гарда. Американските сили се решени да се пресметаат со оваа дивизија, која важи за една од најсилните во ирачката армија. Мислам дека американската армија сака да испрати јасна порака до останатите сили на Гардата дека, доколку можеме да неутрализираме една од нејзините најмоќни дивизии, останатите можеби ќе го положат оружјето и нема да се борат.
Линч: Алиша, државниот секретар, Колин Пауел изрази уверување дека Садам Хусеин нема да се двоуми да употреби хемиско оружје против Муслиманите Шиити, доколку смета дека тоа би било од полза на неговите интереси. Дали забележуваш некаква поголема доза на загриженост меѓу војниците дека и врз нив може да биде употребено хемиско оружје?
Ру: Да, како се наближуваат до Багдад, американските трупи очигледно се се повеќе загрижени поради можниот напад со хемиско и биолошко оружје од страна на Садам Хусеин. Затоа, сите војници се опремени со специјални одела во случај на хемиски напад. При рака им се и нивните гас-маски.
Линч: Дали имаш впечаток дека војниците сметаат дека војната се одвива според планот?
Ру: Мислам да. Мислам дека пред себе имаат одреден временски рок. Временските услови ќе бидат голем фактор, поради најавите дека претстои песочна бура. Ми се чини дека тие се мошне одлучни. Во изминативе 24 часа имаше промени во расположението, во однос на тоа што треба да направат, но и покрај предвидените лоши временски услови, тие навидум работат според планот и сакаат да завршат со акцијата што е можно побрзо. Мислам дека војниците сакаат да сторат уште повеќе во наредните 36 до 48 часа.
Линч: Алиша, ти благодарам многу. Тоа беше Алиша Ру, дописникот на Гласот на Америка, која се наоѓа со американските сили во централен Ирак.