Линкови за пристапност

САД протестираа во Женева - 2003-03-24


Женевската конвенција од 1949-та година постави основна законска рамка за заштита на воените заробеници и цивилите за време на воен конфликт. САД, Велика Британија и Ирак се меѓу 190-те земји кои се дел од првите четири повелби на Женевската конвенција.

Првата повелба ги поставува мерките што мора да се преземат за заштита на ранетите и болни воени заробеници. Втората се однесува на поморските битки. Третата се бави со заштита на воените заробеници, додека четвртата со заштита на цивили во случај на воен конфликт.

Конвенцијата стана реалност најповеќе поради работата на Меѓународниот комитет на Црвениот крст со седиште во Женева, во раните фази на постоењето на оваа неутрална хуманитарна организација.

Правниот советник на организацијата, Филип Спери, вели дека Меѓународниот комитет на Црвениот крст има мандат согласно со Женевската конвенција да пружа хуманитарна помош на погодените во воен конфликт.

“Се разбира, треба најпрвин официјално да побараме, но Меѓународниот комитет на Црвениот крст има право согласно Конвенцијата да посетува воени заробеници и цивили кои се притворени во услови на воен конфликт“, изјави Спери.

Тој вели дека не може да ги коментира наводите дека ирачките војници во најновиот конфликт во Ирак под униформата носат цивилна облека, но потенцира дека Конвенцијата наведува оти мора да постои јасна разлика меѓу воените и цивилни инстанци.

“Доколку војниците носат цивилна облека, тогаш е невозможно да се прави разлика и секако дека тоа го доведува во опасност цивилното население“, кажа Спери.

Во 1977-ма година беа усвоени два дополнителни протокола на Конвенцијата, а многу останати нејзини одредби се сметаат за општоприфатени аспекти на меѓународното право.

XS
SM
MD
LG