Порпаролот на Белата куќа Ари Флејшер вели дека американската влада има докази оти руски компании продале очила за ноќно набљудување, против-тенковски диригирани проектили, како и опрема за електронско попречување што би можела да биде употребена против американските сили. Господинот Флејшер оцени дека продажбата на воена опрема и оружје загрижува, што претседателот Буш по телефон директно му го пренел на својот руски колега Владимир Путин. “Загрижени сме дека одредени аспекти на зделката можеби се уште се во тек. Ваквата загриженост беше покрената за време на денешниот телефонски разговор. Претседателот Путин го увери претседателот Буш дека ќе провери, а претседателот Буш кажа дека со нетрпение очекува да чуе од него“, изјави Флејшер. Доколку се покаже точно дека дошло до продажба на оружје, тогаш тоа претставува прекршување на ембаргото на ОН за продажба на оружје на Ирак. Руски претставници денес подвлекоа дека не продале ништо што би ги прекршило санкциите на ОН.