Линкови за пристапност

Буш: „Ние сме убедени дека можеме да ги постигнеме нашите цели“. - 2003-03-20


Претседателот во Белата куќа се состана со сите членови во својот Кабинет. Тој за новинарите изјави дека притоа е разговарано за стратегијата на Владата за одржување на мирот, за национална безбедност и за подобар живот на американскиот народ.

„Овој кабинет е уверен во иднината на својата земја. Ние сме убедени дека можеме да ги постигнеме нашите цели“, истакна претседателот.

Нема сомневање дека војната со Ирак доминирала на оваа средба. Претседателот Буш ги пофали војниците во Персискиот залив, велејќи дека Америка ги испратила своите најдобри луѓе во опасност. Секретарот за одбрана Доналд Рамсфелд го брифирал Кабинетот, за воени прашања, а државниот секретар Колин Пауел зборувал за напорите за составување коалиција против Ирак.

Претседателот кажа дека коалицијата нагло се зголемува.

„Над 40 држави сега ги поддржуваат нашите напори. Благодарни сме за нивната определба, ја цениме нивната визија и ја поздравуваме нивната поддршка“, подвлече господинот Буш.

Од странство, пристигна бран критики заради одлуката на претседателот да започне воена акција против Ирак. Рускиот претседател Владимир Путин кажа дека војната не е оправдана и дека треба брзо да заврши.

Но, кога портпаролот на Белата куќа, Ари Флејшер беше запрашан за евентуално разидување со Москва, тој кажа дека главно, односите со Русија и натаму се цврсти.

„Во многу разговори меѓу претседателите Буш и Путин, и обајцата истакнуваа дека иако не се согласуваат дали е соодветно да се употреби сила против Садам Хусеин, сепак, односите меѓу САД и Русија се премногу важни за кој било да допушти тие да бидат оштетени и претседателот не верува дека тоа ќе се случи“, истакна портпаролот Флејшер.

Тој кажа дека претседателот Буш ги продолжува многубројните телефонски разговори со странските лидери во врска со Ирак. Портпаролот на Белата куќа ја искористи приликата и да ја поздрави одлуката на турскиот Парламент на американските и британските бомбардери да им се дозволи користење на турскиот воздушен простор во нападите врз Ирак.

XS
SM
MD
LG